ШТО ДА ЧИТАМЕ ЗА ДА ГО ЗБОГАТИМЕ ВОКАБУЛАРОТ?
Низ социјалните мрежи циркулираат илјадници содржини, поткасти, видеа, книжарниците се преполни со шарени и светкави книги, а јас секој ден добивам тахикардии и шокови кога ќе ја видам негацијата споена со глаголот или степенот одвоен од придавката.
Во морето нови медиумски девојки и момчиња не се издвојува ниту еден кој го владее македонскиот литературен јазик со сите негови правописни правила.
Како станавме толку неписмени? Или отсекогаш сме биле, само сега тоа е видливо и без срам се пласира како нормална медиумска содржина? Порано барем весниците и телевизиите ангажираа писмени новинари, сега на вести секој втор збор е изговорен или погрешно напишан. Зошто телевизиите и весниците немаат лектори?
Не знам како е во другите земји, но овде во оваа земја каде македонскиот јазик го зборуваат едвај два милиони луѓе, правописот и правоговорот на новите новинари, водители и инфлуенсери е на исклучително ниско ниво. Мешањето на вокабуларите на улицата и универзитетот, неумесното адаптирање на зборовите од англискиот јазик, со акцент од соседните јазици не е постмодернистичка постапка, туку е одраз на немањето корени во образовниот процес.
Јас не знам зошто ако некому не му е природно да зборува македонски и секој втор збор му е англицизам, не си зборува англиски. Вака делува како со сила да е натеран да води емисија на македонски јазик. Свесни ли се овие медиумски аматери дека се во медиум и дека вршат влијание врз публиката. Свесни ли се дека некој млад гледач си вели- ако така говорат медиумските личности, сигурно е точно.
Дали е проблем само образовниот процес?
Би рекла не. Образованието е на ниско ниво, на часовите по македонски се чита анахрона литература и тој предмет треба коренито да се промени, ама добрата книжевност е толку достапна, скоро бесплатна, а сепак не е препознаена и не се чита. Се читаат само инстант содржини, се копираат туѓи цитати. Плагијаторството ја преплавува нашата медиумска сцена.
Има ли поправка?
Има.
Да читаме!
Што?
Едноставно е-ако не знаете што да купите за да читате, започнете со македонските автори, особено со современите автори, авторите кои својот најголем успех го имаат по осамостојувањето на нашата држава (Венко Андоновски, Драги Михајловски, Игор Станојоски, Гоце Смилевски, Николина Андова Шопова, Сања Трпковска, Влада Урошевиќ. Ирена Јорданова и многу други прекрасни автори кои се на исто ниво со светските писатели). Поголем дел од наградените романи, раскази и преводи се врвна книжевност, со која ќе уживате и ќе го возобновите својот вокабулар.
Нобеловците, букеровците и другите наградени од светската книжевна сцена, кои за мое големо задоволство се преведени на македонски јазик, се беспрекорни, во нив ќе најдете нови универзуми, тие ќе ве инспирираат и во животот и во пишувањето.
Потсетете се и на Правописот на македонскиот јазик (можете да го симнете бесплатно од интернет), оти ако ние не го зборуваме и секојдневно го касапиме, го валкаме со лошо адаптирани увезени фрази и неточен акцент, овој наш уникатен и прекрасен јазик ќе исчезне.
Преку индивидуалните или групните Работилници за креативно пишување, заедно со мене Александра Димитрова, доктор по филолошки науки можете да научите да пишувате на литературен македонски јазик. Контaктирајте ме преку социјалните мрежи или на saskadimitrova@gmail.com.
Comments
Post a Comment