Случка во дворецот (расказ) Елеонора Б.
Силна
детонација ја преплаши и таа ги отвори очите. Се најде во темна
просторија со сноп светлина, мувлосани ѕидови и
рамномерни звуци
на капење кои завршуваа во вирче.
Детонација - звук на громогласно
кивање од кое се затресе целата просторија. Се допира себе си и не знае каде се
наоѓа. Последно што го памети е модната писта по која што грациозно оди.
Облечена во најновиот модел кој гордо го прикажува на пистата. Оди со мачкин од
на високите потпетици. Одмавнува грациозно со главата, лелеавата руса коса
свиленкасто ја гали по голите сатенски раменици. Рефлектори, ритмична музика.
Оди зад сцената и наеднаш мрак. Нешто и се лепи на рацете. Не може да
види, очите и се потечени. Крв? Пот? Се допира по телото. Одекнува нечие громогласно кивање. Не е сама во собата. Два трошни кревети, на
едниот речиси неподвижно лежи таа. Конечно го подотворa едното око и гледа силуета. Дебела топчеста силуета на
креветот спроти неа.
„Која си ти? Зошто
си овде? Како дојдовме овде?”
„Ти кажи ми како дојдовме овде” - се огласи дебелата.
Преплашена, збунета манекенка, не
знае од каде да почне, што да каже, што да не каже. Не знае ни колку време е тука,
ни дали е ден, ниту ноќ. Ниту кое годишно време е.
„Ми ги нема убавите облеки, најубавите алишта” почна да
лелека манекенката. Полугола по валкана маица и гаќи. „Одев на
пистата, се дружевме со другите манекенки после ревијата. Не поканија на коктел”
Дебелата се закашлува и да си ги
собира лигите и мрсулите од кивањето. Повеќе е набиена и цврста со конструкција
на тепач. Брз и силен тепач. Ја гледаше манекенката и се сети на своето детсвтво.
„Ајде дојди да учиш! Влези дома, доста
надвор. Остави ги камењата, тешки се. Не можеш така да ги фрлаш наоколу.”
„Мамо, не ме терај да учам, сакам да фрлам
камења, даски дрва. Тоа сакам”. Малата стана каратист, џудист, борач во грчко-римски
стил. Стана се што не е претстава за една жена. Се плаши од кучиња, остра,
импулсивна, реактивна.
Нема време да се разбира со
зборови, сите работи ги решава со тупаница. Во
полициски станиници е инвентар. Безброј опомени. Единствено ја вади од
ситуациите нејзината добра душа, што секогаш се труди да му помогне на човек.
Никогаш и никого не остава на цедило.
Цело време лежи будна на креветот и
ја чека манекенката да стане. Гледа во една точка на таванот. Во главата се
нижат заклучоци, моменти. Се сеќава кога
татко ѝ и подари боксерска вреќа и ракавици за петнаесеттиот роденден. Ќерка на тато. Заедно ја закачија на
таванот со анкер шрафови за да ги издржи нејзините удари. И од раце
и од нозе. Натпревари - локални, државни, светски. Медали, пехари, бројни
награди. Низ ушите и поминува кавгата со татко ѝ и мајка ѝ, „Што ќе стане од ова дете? Нека учи, да
работи нешто. Од што ќе живее?!” татко и со висок тон остро сече. „Нека прави што сака, нека си го живее
сонот. Ќе си го најде својот пат! Што фајде од учење? Паметна е.“
„Се сеќаваш дека синоќа пиеше нешто?” Машкоданскиот
глас на дебелата се обидува да стане нежен и сочуствителен. Стенкањето од блага
болка и од што сеуште се обидува да дознае во каква состојба и е телото,
не може да се сети дали се напила нешто вечерта. Единствено знае дека не пие и
кога пие и се лоши. Се сети на разговорот со касиерката во маркетот „Што
работиш ти? Неверојатно си убава, имаш совршен
тен. Облеките ти се прекрасни и складни”, а на неа само тренерки и патики.
Дојдена само за да купи чија семки, млеко и цигари.
„Ништо не работам. Јас имам маж”.
Следеа
ширум отворени очи и полуотворена уста на лицето на касиерката.
Стојат
на аеродромот и чекаат во редот на шалтерот да го чекираат својот багаж.
Манекенката со својата мајка манекенка како да се од друга планета, отскокнуваат
од толпата. Им приоѓа деловен човек.
„Би сакал да понудам работа во модна агенција. Вашата
ќерка има големи шанси да се најде на насловните страници и врвните настани во
светот на модата. Работам за елитна светски позната агенција.” Човекот и подаде визит карта на мајката и двете немо го гледаа. Наскоро му
се јавија и почна вртоглавата кариера на младата манекенка. Си најде богат маж
за да ги задоволи сите нејзини прекумерни трошења на пари. Луксуз, раскош на
секој чекор. Патувања, настани и имоти.
Еден ден, после исцрпувачка фото сесија ја дочека маж.
Ситна градба, за две глави понизок од неа. Човек од владата. „Имаме сознанија дека Вашиот сопруг нелегално заработува.
Вовлечен е во криминал. Потребна ни е Ваша соработка. Во колку ја одбиете,
можам веднаш да Ве уапсам под сомнение дека сте негов соучесник.” Шок. Занеме. Престана да дише.
Хистерично плаче. „Госпоѓо, смирете се. Соработувајте со нас и ништо лошо нема
да ви се случи. Особено Вам.” „Како? Што направил? Не е возможно тоа. Тој е многу добар
човек. Не е можно да згрешил нешто”. “Тоа оставете ни го нам да го
провериме. Само однесувајте се мирно како и до сега. На Вас ќе поставиме уреди
за прислушкување што никој нема да ги забележи.”
Тој човек оттогаш не се појави. Некое време потоа, за
време на вечерата во трпезаријата – мирна фина атмосфера.
„Ме местат за некој криминал. Знам дека ме следат. Знам
дека нешто невообичаено се случува.”- почна сопругот.
„Што се случува? Сакаш да ми кажеш?” Нежно се заинтересира
манекенката.
„Сакам да ти кажам дека ако си замешана во следењето на моето
движење или активности поврзани со мене, нема повеќе да дишеш. Ќе исчезнеш без
трага од овој свет.”
Доби закана како да разговара со сосема друг човек. Овој
човек не го познава. Спроти нејзе на масата е монструм. Реши да биде мирна. Се
надева дека некој од обезбедувањето го слуша разговорот преку системите за
набљудување. Вечерта помина мирно како да не се случи тој разговор.
Дојде време за модната ревија. Тоа беше нејзина рутина на
подготовки. Пред да излезе од дома го бакна сопругот, влезе во колата и стигна
конечно до дворецот.
Дворецот во ренесансен стил е местото на одржување на
ревијата на елитата во модниот свет. Окулу зградата полицајци кои остро го
следат секое движење. Обезбедување во класични преубави костуми, перфектно
средени фризури, светнати лакирани чевли со слушаки во уши насекаде низ
просториите. Се чувствува безбедно и удобно.
Завршува ревијата, почнува
коктел. Насмеани лица, беспрекорно негувани тела, лудо добра гардероба.
Прекрасен парфем наоколу, дискретен жагор, амбиентна музика. Рајско добро и
смирено место. Манекенката доби напад на повраќање, го бара со поглед тоалетот.
„Што може да е ова сега? Јадев вообичаена храна. Можеби сум трудна? Не, не е
можно...” – се редеа претпоставки во главата. Не ни стигна до тоалетот. Удар во
главта и изгуби свест.
Дебелата ја слуша како одвај зборува - “Ништо не пиев освен минерална
вода со лимун. Неколку голтки. После тоа чинам паднав.”
„Падна? Знаеш како падна? Доби удар во главата и двајца
те влечеа по ходникот од пред тоалетот во дворецот. Мене сето тоа ми падна
чудно. Бев таму службено, обезбедување на местото. Стоев на видливо место, а тие двјца ми падаа
особено во очи. Беа поинакви од нас – обезбедувањето. Почекав да тргнат кон
другиот влез по скалите и ги следев до каде што те носеа, до место каде што
нема камери.”
„Си следела?”
„Да. Ја отворија вратата со картичка, во лет ја фатив и
тргнав по нив. Само што се подзатвори знаев дека не гледа никој. Беа вооружени
и со уреди за комуникација. Најбрзо што можев ги средив, те земав тебе, те
ставив преку рамо како вреќа. Среќа што си слаба и ковчеста, што немаш ни
триесет кила. Тргнав кон излезот, преку дворот, покрај дрвата. Стигнав до
излезот. Во темницата видов напуштена куќа. Се погрижив да не се удавиш во
повраќаници. Видов дека си добро и се вратив на местото во дворецот. Продолжив
да си ја работам работата цела вечер, дури до сабајлето. И замисли, никој не се
загпраша за тебе, ниту те побара.”
„А оние двајцата? Што сакаа да ме киднапираат? Знаеш каде се?” Манекенката не може да дише додека прашува.
„Знам. Подоцна ги предадов дискретно на колегите од обезбедувањето.
Тоа се луѓе ангажирани од твојот сопруг. Се сомневал дека го следиш и
прислушкуваш, нашол ситни уреди на твојата
облека – копчиња, брошеви, накит кои го следат и прислушкуваат. Сакал да те
снема. Сега нема зошто да се грижиш и да се плашиш. Никогаш повеќе нема да го
видиш, сега е во рацете на власта.”
„Ова е куќата во која што ме донесе? Има ли овде тоалет,
да се средам малку. Ми се пие вода, жедна сум.”
„Одиме кај мене дома, таму ќе се средиш. Не е добро
повеќе да бидеш во домот каде што живееше досега.“
„Време е да почнеш нов живот. Исто и јас. Дадов отказ.“
Comments
Post a Comment