НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“


Драги читатели,

Есенската група од Работилницата за креативно пишување полека привршува, а моите драги ученички-писателки кои од првиот час се уникатни и многу креативни, за само пет часа се дооформија во писателки со сопствен стил, преференци и идеи за нивните следни збирки раскази и романи. 

Јас на минатиот час, инспирирана од новелата на Алесандро Барико „Трипати во ноќта“ им дадов предизвик да напишат расказ во кој еден маж и една жена ќе се сретнат три пати во една ноќ, во хотел во Скопје. Секако резултатот беше неверојатен, дури и за мене. Тие за само еден училишен час успеаја да одговорат на предизвикот и да напишат расказ!

Расказот на Христина го објавуваме прв, по случаен избор. 

Следните денови ќе ги објавиме и расказите на останатите писателки. Дотогаш уживајте во верзијата на Христина Кочовска. Мене ми беше исклучителна чест и задоволство да ја менторирам нејзината работа, да ѝ помогнам да го унифицира својот стил. Верувам дека оваа млада писателка ќе биде ново големо име на македонската литература.





ХРИСТИНА КОЧОВСКА

ТРИПАТИ ВО НОЌТА

(расказ, според истоимената новела на Алесандро Барико)

 

 

Глуво доба, времето кога по земјата шетаат мртвите.

Елена облечена во лелеав долг фустан со боја на месечина, како молња влета низ хотелската влезна врата и директно се судри со Пол.

Пол падна на својот задник, со рацете придржувајќи го виткото тело на Елена. 

Ја препозна. 

Накратко, времето застана. 

Гледаа еден во друг. Пол остана здрвен гледајќи во сините стаклени очи на Елена, накитена со стотици пеги расфрлани врз нејзиното округло лице. Овој пат во нив не гледаше надеж, туку страв. Ги погледна нејзините румени, сочни усни кои трепереа како лист на гранка. Цела ноќ мислеше на неа, од глава не можеше да ја извади откако случајно се запознаа на отворениот шанк во хотелот „Pleasure“ во Скопје, а потоа вечераа заедно расприкажувајќи си за нивните животните приказни. Нејзината природна убавина, отвореност и искреност за него беа освежувачки. Преку глава му беше од девојките кои изгледаа исто и му се доближуваа само затоа што беше странец, надевајќи се дека ќе можат полесно да избегаат од Македонија. Русокосата Елена не беше таква. Таа само сакаше да избега од нејзиниот сопруг и да се спаси.

На Елена ѝ се роди чувство на надеж гледајќи во милите, закосени, кафеави очи на Пол, полни со разбирање и емпатија. Претходната ноќ и за неа беше посебна. Не можеше да заспие оти само што ќе ги затвореше очите, гледаше како Пол ѝ се смешка со бисерно белите заби, додека ветрот му ја бушавеше кафеава коса. Елена не ја освои неговото привлечно лице, ниту фактот дека беше Англичанец. Нивниот разговор за време на вечерата, иако тој не говореше чисто македонски, имаше длабочина, имаше смисла. За разлика од нејзиниот сопруг, Пол знаеше да слуша, да разбере, да даде совет и поддршка. Од очите му се читаше дека тој никогаш не би удрил жена.

„Извини, мис. Јас не видов тебе.

Враќајќи се во реалноста, Елена како мачка скокна и се исправи на нозе гледајќи право во својата апстрактна крвава уметност на плочките. Брзо го врати погледот во Пол кој обидувајќи се да стане, го усоврши на Елениното ремек-дело.

И двајцата си ги погледнаа крвавите раце. Делото на еден уметник, сега беше на двајца.

„Се извинувам, јас сум виновна, јас брзав. Сѐ уште брзам. Морам да одам.

„Мис чекајте малце. Како можам помогнам? Крв? Вие повредена?

„Да се сретнеме за еден час во соба број три на третиот кат?

Елена како зомби невеста се шмугна во лифтот притискајќи на копчето со број три. Пол остана на сред фоаје со крвави раце, бледо гледајќи во нивната апстрактна уметност.

Хигиеничарката од хотелот му беше станата добра пријателка, па Пол знаеше каде да најде средства за да го исчисти подот пред некој да наиде. Испрска дезинфекционо средство и пред да помине со џогерот, си рече „Ова можеше да кажам Фредерик Фонтеној беше тука и продам милион доларс. Бришејќи, мислеше на мистичната Елена. Убава и мила како срна, но со крвави раце. Просто неодолива. Да, чудно за Пол, но му се допаѓаше тоа што овој пат, можеше да забележи опасност во сета таа смиреност.

Додека Елена беше во лифтот се виде во огледалото. Изгледаше како да породувала крава, до рамо беше со крв. Динг! Вратата од лифтот се отвори на третиот кат. Елена се упати кон собата број три и од градникот извади картичка за да ја отклучи вратата.

Кога влезе во собата како да влезе во друг универзум. Собата беше толку чиста што можеше да се јаде од подот. Воздухот беше свеж и мирисаше на градина со лимони. Тука требаше да престојува милата г-ѓа Петрова додека ги подготвува документите за развод, а не г-ѓата Петрова која немилосрдно стави крај на животот на својот маж.

Елена се упати во бањата. Со гадење го соблече крвавиот фустан и се пикна под тушот. Почна силно да си ја трие кожата, толку силно, чиниш сакаше да остане без неа. Мислеше дека колку посилно трие, толку поголеми се шансите да ги измие и од длабочините на својата душа.

Додека Елена се чешлаше, некој затропа на вратата. Таа потскокна како зајче. Всушност таа беше токму таква во тој момент, однадвор спастрена, мила и чиста, однатре скршена и преплашена.

Елена побрза да отвори оти знаеше дека е Пол, човекот кој го знаеше само дваесет и четири часа, но се чувствуваше како да го знае цел живот.

„Ајде, влези, рече Елена притоа внимавајќи да не има уште некој во ходникот. „Пол, жал ми е што нашата втора средба мораше да се случи во вакви околности.

„Мис, се случи нешто?

„Елена, викај ме Елена. Мораш да ми помогнеш, Пол. Ти си ми единствена надеж. Полицијата ме бара. Јас...

На вратата некој силно затропа како да удира на тапан.

„Полиција, отворете!

Срцето на Елена ѝ застана во грлото. Таа силно го зграпчи Пол за рака. Тој милно и исплашено ја погледна.

„Брзо, Мис. Елена, онде тераса, врти лево, скокни друга тераса и чекај таму. Јас дојдам веднаш и вие кажете мене проблем.

Елена го послуша. Во меѓувреме, Пол ја соблече сивата маица, ја фрли на чистиот, бел кревет и се однесуваше како да се подготвува за спиење, па сонливо ја отвори вратата.

„Добровечер, имаме налог за апсење на г-ѓа Елена Петрова поради убиство на нејзиниот сопруг, Томислав Петров.

„Што? Јас не од тука. Јас не знам што мислите. Јас овде само турист. Да видам Скопје. Не знам... Елена...? Јас не знам нејзе. Тужам хотел за проблем!

„Се извинуваме, господине, но мора да ја претресеме собата.

„Јас тужам хотел!!!

Пол излета од собата и ги остави полицајците да си ја вршат работата. Внимателно застана пред вратата од соседната соба и со универзалната картичка што случајно ја најде во оставата, влезе во собата и ја отвори вратата од терасата.

Елена преплашена влезе во собата прашувајќи дали полицајците си заминале. Пол ѝ кажа дека ја претресуваат собата. Елена како да ја удрила дамла.

„Печена сум! Таму ми е фустанот со крвта на Томислав. Ќе знаат дека бев таму, а сега и ти си во оваа неволја.

„Смири се Елена. Сѐ во ред. Полека. Знам каде одиме.

Пол ја грабна Елена за раката. Полека, со спиштени глави за да не ги снимат камерите, излегоа од собата и се упатија надолу по ходникот. Влегоа во едно мрак темно сопче. Пол извади запалка од џебот и ја осветли просторијата. Погледна во мистичните Еленини очи кои изгледаа како да горат и да се топат од пламенчето на запалката. Во неа гледаше сила. Сега таа му се допаѓаше сега многу повеќе од претходната ноќ.

„Полиција рече вие убивте маж?

„Да, Пол. Да. Го убив тој никаквец! Се упатував накај дома да си земам уште некое парче облека. Но слушнав чудни крици од соседниот стан. Ненајавена влетав во станот на сосетката и го начекав врз неа. Таа врескаше и го удираше. Но тој не се тргаше. Првото нешто што ми се најде при рака беше подната вазна од ковано железо. Со тешка мака ја кренав и го треснав одзади. Толку беше, Пол. Јас само сакав да ја спасам сосетката, а сега мене ми треба спасување.

„Нема грижи, Мис. Елена. Вие силна жена. Сакам кажам многу, ама не можам. Нема време. Ајде со мене.

Пол го осветли задниот дел од сопчето и најде скриена квака. Ја отвори. Имаше скалила кои водеа надолу. И двајцата почнаа да се симнуваат. Стасаа до подрумот на хотелот. Пол знаеше дека тоа е таен простор за заштита и безбедност на битни гости во случај на некаква опасност.

Хотелскиот часовник чукна трипати. Беше три часот по полноќ. Елена беше привремено спасена од рацете на полицијата, но знаеше дека тоа не е крај. 

Знаеше дека некогаш ќе мора да се соочи со казната за своето злосторство.

 


Comments

Popular posts from this blog

Книгите (според Sash) кои секој писател мора да ги прочита

ЅВЕЗДАНА „ЦРВЕНКАПА И НЕЈЗИНОТО ЛУДИЛО“