„Приказната за Мо-Ре и Мо-Ав“ - Весна Котевска
Мо-Ре и Мо-Ав беа браќа. Родени. Се родија и израснаа во Земјата на Сонцето и Градот на смогот. Мајка им мајчински ги галеше, татко им татковски ги караше, но и двајцата добро ги воспитуваа- да го разликуваат доброто од злото.
Сепак, кога пораснаа луѓе, што се вели возрасни и разумни, почнаа многу да се разликуваат.
Мо-Ре си живееше во стан од 68,54 м2 во центарот на градот, убав, комфорен, со терасичка. Си одеше на работа во една фирма за Веб дизајн и си работеше кога осум, кога десет, а богами и дванесет часа. Иако одеше малку поднаведнато, со спуштен поглед и имаше мали уши, ситни очи и стиснати усни, не беше ниту глупав ниту зол. Едноставно не сакаше да гледа некои работи што се случуваа околу него, па инстиктивно ги затвораше очите. Не сакаше ниту да слуша за нештата што му предизвикуваа непријатност и често си ги покриваше ушите со дланките. Мо-Ре најмалку сакаше да зборува за работите кои му се гледаа нелогични и тогаш цврсто ги стискаше усните во права танка линија. Иако неговиот шеф беше малку така како тиранин (така зборуваа тие, неговите колеги) Мо-Ре си го слушаше, правеше сѐ што ќе му се кажеше, па дури и малку ги поткажуваше колегите. Ако случајно наидеше на место каде што се случила несреќа, обично немаше време да помогне, оти се брзаше накај своето удобно станче да си гледа и слуша телевизија. Ако пак слушнеше другите да зборуваат дека нешто не чини во Земјата на Сонцето и Градот на смогот, брзо се оддалечуваше од таквите луѓе зошто тоа не го интересираше и не се однесуваше лично на него. Редовно ги гледаше вестите во 7:15 за да слушне, добро запамти и да го направи сето она што ќе го препорачаше главниот газда на Земјата на Сонцето, за кого мислеше дека знае сѐ и дека многу се грижи за сите граѓани и граѓанки.
Мо-Ав пак, за разлика од него имаше мало куќарче на источната периферијата на градот, пред која одгледуваше мало градинче посадено со кромитче. Тој стана многу висок и исправен човек, со цврст поглед, големи уши, очи и уста и беше дури и премногу бунтовен според сфаќањата на Мо-Ре. Ете, тој просто мораше да помага секаде и секому, дури и кога не го викаа. Не можеше да премине преку некоја неправда која ќе ја слушнеше со големите уши и не можеше да не изрече еден куп зборови за правичност со големата уста. А со очите, светкаше како со фарови и сѐ околу себе забележуваше. Работеше разни работи и никаде не се задржуваше премногу долго, оти се замеруваше со газдите и шефовите кога од него ќе побараа само да слуша, што помалку да гледа, ништо да не зборува и само да работи. Мразеше да гледа телевизија и наместо тоа талкаше по планините или се возеше со велосипедот, наследен од татко му.
Еден ден, во времето пред да почне зимата, се случи нешто несекојдневно во градот каде живееја Мо-Ре и Мо-Ав. Големата државна комисија за заштита на луѓето издаде соопштение дека за два дена и 6 и пол часа ќе падне голема магла и ќе се случи големо загадување на висина од 1 метар и 35 сантиметри во центарот и во источната периферија на градот. Токму таму каде што си живееја Мо-Ре и Мо-Ав. Големата државна комисија за заштита на луѓето изрече мерка за заштита на луѓето. Мерката гласеше: „за да се заштитат луѓето треба да се наведнат за 45,3 цм пониско од својата природна висина и да си стават шпер-плоча со димензии 50,2 Х 70,4 см врз својот грб за да не им доаѓа смогот до телата“.
„Ах, колку брзо реагира оваа комисија и колку се грижи за нас“ - си помисли Мо-Ре и отрча во првото стовариште, си купи таква шпер-плоча, си се подведна и си ја стави на грбот. „Ха, супер“, - си помисли, „сега сум заштитен и сигурен“, и си продолжи да оди на работа и да се враќа дома каде ја одложуваше шпер-плочата на сигурно место, па дури потоа се подисправаше. Дури и кога излегуваше на балкончето чувствуваше дека пак мора да се поднаведне и да си ја стави.
Бунтовниот Мо-Ав пак мораше пак и пак да се буни. Нему ова му изгледаше нелогично и глупаво, па бараше по интернет за да најде одговори, кои тоа научници и лекари препорачуваат таква мерка, кога наназад во историјата се практикувала, зошто да има токму таква мерка. Беше многу збунет зошто сите информации беа многу различни и спротивставени и реши сам да си донесе одлука. Размислуваше и мислеше и конечно заклучи дека тоа е глупост и дека тој тоа нема да го прави па продолжи да си оди исправен, со начулените големи уши, со насмеаната голема уста и ококорените големи очи. Дури продолжи да мисли дека таа, Големата државна комисија за заштита на луѓето, и тој, Главниот газда на Земјата на Сонцето, треба да преземат нешто друго, наместо „шпер-плоча“ мерката.
Брат му Мо-Ре се чудеше и го караше кога Мо-Ав му го докажуваше спротивното, и наместо да се согласат, тие започнаа жестоко да се караат и сѐ помалку да се дружат.
Кога започна зимата, студенилото и маглата навистина падна, иако не баш на судниот ден и час, ами нешто подоцна, толпи граѓани и граѓанки започнаа да организираат протести во градот заради неодамна изречената мерка „шпер-плоча“. Протестите ги организираа граѓаните и граѓанките кои тврдеа дека тука нема ништо заштитно, ниту „научно“, ами има само непријатност и понижување за луѓето.
Мо-Ав прв излезе на протестите, онака исправен и грлат, заедно со уште некои такви „чудаци“ како него. Токму во тоа време Мо-Ре се враќаше од работа и кога ја слушна вревата, ја подаде малку главата надвор од ивицата на својата шпер-плоча, па успеа да ги ѕирне протестантите и кога меѓу нив го виде и брата си, тој реши дека овој настан не се однесува на него, дека нема да се меша оти нема корист од сето тоа и со забрзани чекори се оддалечи, да не случајно го стигне некој од тие чудаци. Одвај чекаше да се смести на својот удобен кауч и да ги чуе вестите за да повторно се увери дека мерката „шпер-плоча“ мора да биде поддржана, да се спроведува и почитува. Зошто така кажа Големата државна комисија за заштита на луѓето, а таа според Мо-Ав знаеше сѐ.
Другиот ден пред да се наведне под шпер-плочата и да тргне на работа, Мо-Ав ѕирна што има ново на интернет. Прочита и виде дека на протестите од вчерашниот ден е уапсено едно лице, со име Мо-Ав- неговиот брат. Му дојде малку непријатно, ама мораше да оди на работа. Колегите на работа го прочитале истото, а по пат на враќање накај дома се сретна со повеќе познаниции и сите го прашуваа: „па зарем овој не е твојот брат Мо-Ав“?. „Одамна не сум го сретнал тоа лице и не сум слушнал што прави“ - одговараше Мо-Ре. „Како не разбираат луѓево“ - си мислеше Мо-Ре „просто не сакам да знам за него и нема што да се мешам тука“. И поднаведнат, со брзи ситни чекори, тој се упати накај своето станче за да ги фати на време вестите од 7:15. Вечерва, саканиот и почитуван Главен газда на Земјата требаше да објави нова убава мерка – помош од земјата од 13,7% за нов телевизор за сите оние кои во презимето ги содржат слоговите „Мо-Ре“. „Ќе има многу такви“, - си помисли Мо-Ре, „но се надевам дека ќе имам среќичка“, па удобно си се навали на каучот.
Забелешка
Мо-Ре - кратенка од морален
реализам. Поим во психологијата воспоставен од швајцарскиот психолог Jean Piaget. Означува личност која знае што е добро а што лошо, не е ниту глупава ниту
лоша но сепак постапува неморално. Конформистичка личност, која лесно се
„свиткува“, која е користољубива, која вели „јас не би се мешал“, тоа не ме
интересира, не сум видел/слушнал. Тоа се едни од најлошите личности во сите
времиња и општества и реално највиновни за сите зла на човештвото, бидејќи знаат
дека некој е тиранин, а го поддржуваат затоа што се прават дека тоа не го
гледаат или
дека имаат корист, се идентификуваат со тиранинот или се плашат. Луѓе кои немаат свое ЈАС и не ни сакаат да го
имаат, не истапуваат во име на
вистината, правдата и хуманоста, ниту пак имаат сила да се спротивстават
на тиранијата. Подложни се на авторитети и моќ, немаат желба да вклучат
сопствен мозок, ниту етички принципи во своето живеење.
Мо-АВ - кратенка за морален
авторитет. Означува личност со висок интегритет и морал, која има силно ЈАС. Личности кои реагираат
кога има неправда, кои не ја наведнуваат главата, кои имаат силно изразено
чувство за хуманост, за помагање, за излегување во пресрет, кои гледаат,
слушаат и чувствуваат. Кои не робуваат на авторитети.
Сите во себе си го носиме и Мо-Ре и Мо-Ав.
Прашањето е само што превагнува во нас и како да направиме да превагне Мо-Ав а
не Мо-Ре?
Comments
Post a Comment