Бојана Костова „Патот до себеоткривањето на Грдото Пајче“

                                     

 


            Се сеќавам на моментите од мојата најрана возраст кога сите од семејството се собираа околку мене и го набљудуваа мојот раст и развој. Мислев дека им е интересно моето танцување, зборување, пеење, а нивното внимание ми беше поттик да изведувам секакви активности со што се правев важна пред мојот брат. Пријателите на моите родители и другарите на мојот брат исто така беа заинтерсирани да ме гледаат. Кога пораснав почнав да сфаќам од каде доаѓа љубопитноста и зошто толку погледи биле упатени кон мене. И покрај тоа што не сакам, истите погледи ме следат и денес, од сите страни.

            Јас сум Миа, имам 16 години, одам во средно училиште и сум дел од четиричлено семејство. Но, она што не го знаете за мене е тоа дека боледувам од ретка автоимуна болест – алопеција. Имено, јас растев на ист начин како и останатите деца. Немам проблем со когнитивните способности ниту со моторичките способности. Она по што се разликувам од останатите е тоа што немам коса. Кога бев мала имав брановитa коса со средна должина. Поради болеста, таа често ми паѓаше. Понекогаш ми фалеа цели прамени, а контрастот помеѓу боите на косата и на темето правеше опаѓањето да биде впечатливо.  

Кога ме запишаа во основно училиште, децата ме гледаа со чуден израз на лицето, а учителката секогаш го имаше тој поглед полн со сожалување, точно одбрани зборови кажани со умерен тон и дистанциран однос, плашејќи се со нешто да не ме повреди. Таа не знаеше дека беше доволно само да се однесува нормално кон мене, исто како и кон сите други. Соучениците постепено се навикнаа на процесот на опаѓање на косата. Ги гледаа честите промени, среќаваа влакна или прамени на местото каде што седам, но никогаш немало бурна реакција, ниту покажале одбивност кон мене. Нивниот пристап беше со резерва, но не се случил директен вербален напад или друг немил настан.

Во петто одделение мојата коса сѐ повеќе паѓаше, а помалку растеше, што речиси направи да бидам без коса. Тогаш во нашето одделение дојде Трајче Николов, ученик кој штотуку се преселил во нашиот град. Во училницата влезе со широка насмевка и со самоуверен став. Нѐ разгледа внимателно, задржувајќи го погледот со крената веѓа кон мене, неколку секунди подолго, па седна на своето место. Во текот на наредните денови се зближи со останатите момчиња. Еден ден, на одморот почнаа да се смешкаат, кога одеднаш некој подвикна кон мене: „Еј, грдо пајче!“. Само го кренав погледот кога Трајче повторно викна: „Видете, Миа е нашето Грдо Пајче!“. На следните неколку минути воопшто не се сеќавам. Знам дека истрчав во тоалетот и почнав силно да липам кога одеднаш ме свести гласот на мојата учителка. Набрзо пристигнаа и моите родители и ме однесоа дома.

До тој момент никогаш не сум имала мислење за себе дека сум грда или дека нешто ми недостасува. Немав преголема самодоверба, но јас пораснав со мојата болест. Таа е дел од мене и јас ја прифатив. Но, овој настан направи да се погледнам од друг агол, од друга перспектива, а со тоа создадов нова слика за себе. Моите родители правеа обиди да разговараат со мене − неуспешно. Набрзо одлучија дека е подобро да ме однесат на разговор со психотерапевт. Се запознав со психотерапевтката, тетка Ане, која максимално се трудеше да ја оттргне таа мисла од мене, Грдото Пајче. Во моментите кога не сакав да разговарам, тетка Ане ми дозволуваше да пеам и секогаш внимателно ме слушаше. На училиште не се вратив до крајот на учебната година. Кога требаше да се запишам во шесто одделение, мајка ми ми донесе неколку перики, затоа што мојата коса целосно падна. Ме запишаа во друго училиште, каде што, верувам, сите биле известени за настанот, па никој ништо директно не ми рече за чудната коса ниту пак за тоа што седев со капа за време на часовите. Чудните погледи беа постојано овде, околу мене, а зборовите на Трајче сѐ уште ми одѕвонува во ушите. Како што минуваа месеците, почнав да се менувам и јас. Во повисоките одделенија веќе влегов во пубертет, според зборовите на мајка ми, па станав поосетлива и лесно надразлива. Постепено се повлекував во себе, па единствените луѓе со кои останав блиска и сакав да разговарам беа семејството и тетка Ане.

Тетка Ане сѐ почесто ми дозволуваше да пеам на крајот од нашите разговори. Еден ден, во деветто одделение, пред Нова година, тетка Ане побара дозвола од мене да донесе гостин на нашата следна средба, кој само ќе биде присутен, а јас, доколку не сакам, не морам да разговарам, туку можам да си пеам. Иако бев скептична, ѝ верував на тетка Ане, и бидејќи не ме тераше да се отворам и да разговарам за чувствителни и интимни теми пред непознатиот гостин, се согласив.

На следната средба дојде еден господин. Се претстави, Јаков Симоновски, долгогодишен пријател на тетка Ане. Се поздравивме и господинот се повлече во еден дел од канцеларијата и седна на едно столче. Почувствував нелагодност и застанав покрај прозорецот. Секогаш кога чувствував непријатност, се повлекував во своите мисли и несвесно запевнував. Тие двајца не разменија ни збор. Кога се свртев видов како господинот ме набљудува, но со нов поглед, не со оној на кој бев навикната. Беше насмеан, а очите љубопитно му светкаа. Прво помислив дека се лажам, но тогаш ми се обрати:

− Миа, те молам, ќе сакаш ли да продолжиш со песната?!

Се збунив. Молчев неколку секудни и тогаш се сетив дека пеев нешто од Тоше Проески.

− „Тајно моја“, ќе сакаш ли да ја продолжиш? – рече господинот, како да сфати дека размислувам за песната што ја пеев.

Немав проблем со пеењето, па само кимнав со главата и го испеав рефренот. Господинот Јаков изгледаше како да видел некое чудо. Не можев да ја разберам неговата реакција и додека јас се обидував да го протолкувам тоа, го слушнав како ми вели:

− Миа, би сакал да разговарам со тебе, во присуство на твоите родители.

Дали нешто направив? Почнав да размислувам на сѐ што се случуваше во текот на часот откако дојде господинот.

− Тетка Ане, што направив? – барав одговор во нејзиниот поглед.

Тетка Ане изгледаше радосно, што не знаев како да го сфатам тоа.

− Миа, не грижи се, − ме погали по рамото. − Само момент.

Излезе од канцеларијата и влезе заедно со моите родители. Помислив дека нешто сум згрешила. Почувствував како ми забрзува пулсот, а дишењето ми стана отежнато и неконтролирано. Што се случуваше? Што му направив на овој господин и што ќе им кажува на моите родители?

Кога седнаа и двајцата, господинот Јаков им се обрати гледајќи ме мене, па го пренасочи погледот кон нив:

− Миа е навистина надарено и талентирано дете! Да ви се претставам, јас сум Јаков Симоновски и работам како наставник по соло пеење. Ана во неколку наврати ми спомнуваше дека некое девојче, со кое работи, има волшебен глас, па решив самиот да се уверам во тоа. Миа пее навистина прекрасно! Доколку дозволувате вие, би сакал да ја вклучам во новогодишниот мјузикал како посебна гостинка и да работам со неа. Ве уверувам, Миа има иднина со музиката.  

Немо седев и не можев да поверувам што зборува овој човек. Јас пеев само за себе, за да избегам од мислите и од околината, а сега зборуваат за тоа да пеам пред публика.

− Миа, те слушам неколку години како се внесуваш во пеењето и со каква љубов го правиш тоа – ми се обрати тетка Ане. – Те молам, размисли за ова.

Таа беше единствената пред која пеев. Дури и моите родители беа збунети од предлогот.

− Но, јас.... – почнав да пелтечам − јас не сум пејачка, немам никакво искуство, а и мојата коса... Не, не сум соодветна за таква улога.

− Миа, ти си прекрасна и совршена. Имаш неверојатен, ангелски глас и знам дека си способна за многу повеќе од ова. Ова ти го кажувам постојано, верувај ми! – ме бодреше тетка Ане, со широка и топла насмевка на лицето.

Кимнав со главата. Се согласив. Не знам што ми се случи, но се согласив. Во текот на месецот имав редовни средби со г. Јаков кој ми кажуваше и ме учеше на различни техники во пеењето. Дојде денот. Мјузикалот почна. Салата беше преполна, публиката уживаше, а тремата во мене сѐ повеќе растеше. Неколку минути пред да почнам, дојде тетка Ане. Иако мајка ми ме уверуваше дека новата перика ми стои совршено, јас се чувствував несигурно и постојано ја местев. Како да ја примети мојата несигурност поради периката, тетка Ане ми се обрати:

− Миа, долг период разговаравме за твојот изглед и за твојата коса. Не дозволувај алопецијата да ја засени твојата вистинска убавина. Косата не е она што нѐ прави посебни, туку она што го носиме внатре во нас.

− Тетка Ане, што мислиш за тоа да ја извадам периката? – одеднаш прашав.

Го почувствував нејзиното треперење. Ги насолзи очите и ме прегрна силно. Заедно ја извадивме периката и ја оставив на столот. Во следниот миг ја слушнав најавата за мојот настап. Полека излегов на бината. Рефлекторите светеа од страните право кон мене, затемнувајќи го делот каде што седеше публиката. Музиката почна. Почнав да пеам и јас. Ги затворив очите и ја замислив собата каде што разговаравме со тетка Ане, местото каде што најчесто пеев и се чувствував сигурна. Заборавив каде сум во моментот, како сум облечена и како изгледам. Го пуштив својот глас и дозволив сите емоции да излезат низ него. Времето застана. На бината бев само јас со себе и со своите несигурности. Јас со себе и со својот чекор кон слободата.

Кога завршив, настана молк. Од местото каде што седеше публиката полека почнаа да се креваат силуети и да се слуша нивното ракоплескање. Рефлекторите се свртеа кон публиката. Не можев да си поверувам на сопствените очи. Сите беа кренати на нозе и силно ракоплескаа на мојата изведба, а некои од нив ги бришеа солзите од своето лице. Господин Јаков ми се придружи на бината и ме прегрна силно, како да сакаше да ми укаже дека сум успеала во она во коешто тој верувал од самиот почеток. Тој ден промени сѐ.

Во наредните месеци имав неколку настапи на различни културни манифестации, а потпишав и договор за соработка со продуцентска куќа за преработка и препејување на македонски песни. Часовите со г. Јаков се одвиваа непрекинато. Психотерапевтските средби со тетка Ане ги намаливме, но таа не пропушташе ниту еден мој настап. Често знаеше да ме посети пред да излезам пред публиката. Настапував без перика и не ја чувствував несигурноста повеќе. Ги извадив и ги пуштив оковите кои невидливо, но цврсто ме држеа во минатото. Мојата самодоверба почна да се зголемува и конечно сфатив што значи поимот себељубов. Почнав да се пронаоѓам себеси и своето место на ова парче земја. Пораснав. Пораснав, а со тоа и Грдото Пајче се преобрази и си го пронајде своето јато со лебеди. 

Comments

Popular posts from this blog

СИНОПСИС

Случка во дворецот (расказ) Елеонора Б.

Програма за индивидуален менторски пристап