ВЕДА „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“



Драги читатели, 

Денес го објавуваме расказот на Веда. Поради нејзината желба да остане анонимна, јас нема да откривам ништо за неа, освен дека сум среќна што ја запознав. Уверена сум дека од неа следат нови книжевни предизвици, кои ќе ве израдуваат и вас, читателите. 




Трипати во ноќта“

(според истоимената новела од Алесандро Барико)

Напишано од Веда

 

Мал спортски автомобил се движеше низ скопските полупразни улици со огромна брзина. Зад воланот беше Елена, сопруга на тајкунот Иво Попчевски. Нејзината моќ ја потврдуваше несекојдневната регистрација „EP 007“ – Елена Попчевска. Нејзиниот немирен дух сакаше брзо возење. Овој пат причината за покачениот адреналин беше друга. Таа бегаше. Во куќата на Водно остави машки труп. Расправијата со нејзиниот сопруг заврши кобно. Тој, мртов, на белиот, крвав килим во спалната соба. Таа закитена со модар накит околу вратот и окото. Причина за расправијата беше нејзиното неверство, овојпат докажано со слики од изнајмен детектив. Пол беше млад, згоден полу-Македонец од Австрија, дојден во Скопје по бизнис-зделка со Иво. Елена лесно и со задоволство му го сврте умот на Пол, и тој стана еден од многуте нејзини марионетки.

 Сега ја чекаше пред хотелот „Александар Палас“. Така се договорија по нејзиниот паничен повик за помош. Елена излезе од колата и молскавично се фрли во прегратката на Пол. Беше најдобра во својата глума. Му се обрати со плачен глас:

 „Готово е Пол. Готово. Сега сум само твоја. Води ме од овде. Спаси ме.“

 „Сто се слуци? Зосто тебе... врат, окото? Пол покажуваше кон отпечатоците од давење и модрото око, мачејќи се да се сети на вистинскиот збор. Неговата воодушевеност од Елена беше очигледна. За краток временски период откако беше во Скопје, тој ѝ удоволи на секоја нејзина желба.

 „Јас, јас...“, пелтечеше Елена, обидувајќи се да ја склопи приказната поуверливо. „Тој разбра за тебе. Морав. Му признав. Те сакам Пол. Те молам помогни ми. Ме бара полицијата. Мора да ме спасиш“.

Пол се трудеше да разбере што му зборува, но во едно беше сигурен, зборот полиција не носи ништо добро.

 „Полека. Одиме во хотелцка соба, сѐ расказес.“

 Елена одлично му ја имаше сервирано приказната за својот несреќен брак. Во неговите очи таа беше маченичка, духовно и психички малтретирана. Таа пак, змиски му се моташе околу телото. За момент потклекна пред влезот во лифт. Пол нежно ја задржа. Го бакна нежно модрото на нејзиното око. Хотелската соба беше сведок на нивната забранета љубов. Додека Пол се трудеше да ја смири, давајќи ѝ чаша виски, таа со голема брзина зборуваше.

„Мора да бегаме! Веднаш! Пол сфати набргу ќе ме откријат. Ми вети- засекогаш!“

 „Елена, ја тебе обозава, но не разбира, ти давена, око модро. Сто се слуци на  Иво?

„Те молам ајде, куферот, гардеробата. На пат до аеродромот сѐ ќе ти раскажам.“

Елена панично зборуваше и шеташе по собата. Големиот отвор на нејзиното здолниште и разголеното деколте, го маѓепсуваа Пол. Како по обичај, секоја нејзина желба за него беше заповед.

 Климајќи со глава го отпоздравија рецепционерот и одлучно го напуштија хотелот. Го сместија неговиот куфер  на задното седиште, а на него му даде во раце да ја држи нејзината чанта во која беа пасошот, парите, златото  и доказот за убиството, малиот пиштол.

   Елена возеше со голема брзина. Погледот често ѝ беше упатен во ретровизорот. Се плашеше да не ја следат. Во меѓувреме објаснуваше за расправијата, дететективот, за неговите стари раце на нејзиниот бисерен врат, тупаницата во окото, за пукањето од пиштолот. Пол грчевито ја држеше нејзината чанта и го  чувствуваше пиштолот за кој зборуваше. Полека му се разбиструваше умот, но не беше момент за зборување. Елена изгледаше како хиена. Беше свесен дека и тој е со неа во оваа  безизлезна ситуација.

   Осветлената писта укажуваше дека се блиску. Како на филм го сврте автомобилот. Гумите чкрипеа од силното кочење.

   „Излегувај. Немаме многу време, билет ни треба“. Елена не престануваше со зборувањето и како торнадо влезе на аеродромот очекувајќи дека Пол ќе понесе се од автомобиот.

Со неверување застана. Патот ѝ го препречија група полицајци со вперени пиштоли во нејзината глава. Се сврте. Зад неа немаше никој. Пол пропадна во земја. Само нејзината чанта, немиот сведок, стоеше пред влезната аеродромска  врата. Во бесознание го почувствува ладното железо кое ѝ ги обвитка рацете. Таа која многупати остави маж на цедило, сега истото го доживеа. Тоа беше првата мисла која ѝ помина низ главата додека ја внесуваа во полициското комбе.

 

 

 

 

 

 

 


Comments

Popular posts from this blog

Книгите (според Sash) кои секој писател мора да ги прочита

НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“

ЅВЕЗДАНА „ЦРВЕНКАПА И НЕЈЗИНОТО ЛУДИЛО“