МАША ТОДЕВСКА „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“

Драги наши,
Третата писателка која денес ќе ја читате се вика Маша Тодевска. Научно-фантастичната поетика на нејзината проза искрено ме восхити. Таа е нешто помлада од сите досегашни учесници во Работилницата, па од неа очекувам томови романи за нашите читатели.



Maша Тодевска
„Трипати во ноќта“
(расказ напишан според истоимената
новела на Алесандро Барико)

Целиот свет пропадна под мракот, кој како прекривка ги покри сите емоции, задушувајќи ги. Градбата изгледаше поголемо од вообичаено, почудесно и потаинствено. Хотелот „Александар Палас“ беше осветлен, но неприродната темнина имаше надвладеано и ретка магла го обвиткуваше хотелот.

Пол, исцрпен од долгата ноќ помината шетајќи низ Скопје, без двоумење реши да го заврши тој ден и да продолжи со прошетката следното утро. Тој не знаеше дека наскоро ќе се сретне со една личност која ќе биде неговата пропаст. Како што излегуваше од својот автомобил, тој ја забележа прекрасната дама која внимателно чекореше кон хотелот. Изгледаше како самовила, со долгиот фустан како листови од цвет, очите како дијаманти, чекорите брзи и лесни. Пол помисли дека сонува. Нивните погледи се сретнаа, а тој беше обземен од интензивноста на нејзините очи. Таа имаше див дух како разбеснет пламен кој не може да се контролира. Тој се упати кон неа, но мракот ја скри и таа исчезна од неговиот поглед.

Пол, занесен од првата средба со девојката, уште позамислено одеше кога по скалите повторно ја зебележа неа. Нејзините очи играа како огнени пламени, а таа му се насмевна: „Конечно се запознаваме, Пол.“

„Како...“

Таа се заврте и потрча нагоре по скалите, а Пол ја следеше повикувајќи ја да застане. Таа го игнорираше, сѐ додека не дојдоа до ходникот.

„Слушнав дека им помагаш на оние кои го прекршиле законот, зарем не сум во право?“ Кога го рече ова, Пол пребледе и погледна наоколу плашејќи се некој да не слушнал. Покрај неговата професија- програмер, тој изработуваше и лажни идентитети за криминалците. Тој затрепка и подголтна: „Што си направила?“

Одговорот не дојде веднаш, бидејќи се слушнаа извици и чекори, а таа срдечно му кимна и брзо се затрча во спротивниот ходник. Од аголот каде што се слушнаа гласовите се појавија двајца полицајци кои го прашаа Пол за девојката. Тој одглуми невиност, но возбуден тргна да ја бара. Ја најде во својата соба.

„Ако ми помогнеш да избегам, ќе бидеш добро платен.“, му рече таа.

„Се разбира дека ќе бидам, зошто инаку би ја имал работата? Но, ти не наликуваш на криминалец. Зошто те бара полицијата?“

„Го убив мојот сопруг.“, рамнодушно одговори таа. „Беше добродушен човек, но започнав да забележувам несекојдневни работи. Започна да зборува за црна магија и човек кој го сонува, кој му ветува богатство и вечен живот. Потоа почна да прави ритуали и да принесува жртви. Кога сакаше да ме жртвува мене, се уплашив и во самоодбрана го убив.“ Девојката одмавна со главата. „Започна да ги сонува тие чудни соништа откако беше сведок на едно убиство за време на ограбување на банка.“

Пол ја наведна главата: „Жал ми е. Сакаш да направам твој лажен идентитет?“

Таа кимна. Љубопитно го набљудуваше додека тој забрзано работеше, а од надвор сѐ уште понекогаш се слушаа гласовите на полицајците. Откако го искреира нејзиниот лажен идентитет, ја погледна одлучно. „За неколку минути ќе заврши процесот, мораме малку да почекаме.“, ѝ рече.

Гледаше надолу во подот и потоа со нејзините прекрасни очи, во кои бликаше тага изговори:

„Ти благодарам, но пред да го заменам моето вистинско име со лажното, пред да ја заменам вистината со лагата, сакам барем еден да се сеќава на моето име.“

Пол никогаш немаше видено толку емоции на нечие лице. Беше тоа комбинација од среќа, тага и надеж, кои ја направија да свети на некој волшебен начин. Темнината на ноќта го покри како сенка нејзиното лице, а само златните очи светеа во мракот како две искри.

„Елена.“, рече со тивок, но воедно моќен и решителен глас. „Моето име е Елена.“

Откако заврши процесот, тие двајцата, Пол и Елена, избегаа од хотелот и тргнаа кон аеродромот.

Додека трчаа по ходникот беа забележани од еден полицаец.  Затоа влегоа во автомобилот на Пол, кој веднаш стана осомничен. Брзо се упатија кон аеродромот.

Ја изгубија полицијата по многу вртења по улиците, но Пол мораше да направи и за себе лажен идентитет, бидејќи полицијата имаше навлезено и во неговите илегални постапки.

Заедно заминаа во Њујорк, но се разделија на аеродромот.

Пол никогаш повторно не ја виде.

Тој продолжи паралелно да ги работи двете професии.

Ни Елена, ни Пол никогаш не беа уапсени.

 

Comments

  1. Bravo...jasni recenici so mnogu opisi lesno tece mislata i se sledi nastanot🙂

    ReplyDelete
  2. Одличен текст! Продолжи така и успехот е неизбежен!

    ReplyDelete
  3. Одличо напишано, браво!

    ReplyDelete

Post a Comment

Popular posts from this blog

Книгите (според Sash) кои секој писател мора да ги прочита

НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“

ЅВЕЗДАНА „ЦРВЕНКАПА И НЕЈЗИНОТО ЛУДИЛО“