ЉУБОВНА-ЈАСМИНА АТАНАСОВА

 Драги мои

Зимската Работилница за креативно пишување е на половина пат, а учесничките се повеќе од креативни. Јас после секој час им давам нов креативен предизвик на моите ученици. Минатиот час ги замолив да напишат расказ според еден новинарски текст, кој мене ми се виде интересен, помалку комичен, а по малку бизарен. Веста беше објавена на off.net, со итерпретации од редакцијата на овој весник:

Лошо: жена повеќекратно го прободува својот сопруг со нож. Полошо: затоа што на мобилниот му открила слики со помлада и послаба жена. Врв на љубомора: сликите се од нејзе кога била помлада и послаба жена.

Како што опишува полицијата, за време на нападот Леонора Н. е во „заслепувачки бес“ од фотографиите што ги фаќа кај сопругот на мобилен. Непомирливоста на Леонора ја опишува и полицискиот извештај според кој кога полицијата влегува во нејзиниот дом, сопругот Хуан Н. веќе има повеќе убоди од нож на рацете и нозете.

Леонора не му дава шанса на Хуан ниту за една реплика одбрана, туку веднаш штом ги гледа експлицитните фотки на мобилниот на сопруг, почнува со бодење. За цело време таа и го пцуе сопругот.

По некое време Хуан успева да ја собори Леонора и да и го одземе оружјето, по што стигнува и да ја праша за кои слики решила да крене нож на него.

Излезе дека сликите се од пред повеќе години од времето кога уште се дечко и девојка, а Леонора не се препознала затоа што на сликите ем е послаба ем е со шминка. Хуан објаснил дека случајно ги нашол сликите во некој стар меил, па решил да ги зачува на мобилен.

Леонора се уште е во притвор, а Хуан откако е саниран во болница е пуштен и добар е.



Со задоволство споределувам расказ од една од учесничките на Зимската Работилница за креативно пишување. Нејзиното име е Јасмина Анатасова.

Љубовна

Јасмина Атанасова

 

„Сѐ ли ти дадов? Сѐ ли ми зема?

Догледање! Што чекаш?

Епилог нашата драма нема,

Таа е бескрај, ко река...

Таа е бучна, кога е полна,

Та палави и плави

Таква е нашата љубов: болна

Кога сме најмногу здрави!“

(Гане Тодоровски)

 

Во собата за притвор беше ужасно студено.  На плочките се беа напластиле купишта грижи, фрустрации, бесови, гневови, стравови. На еден скршен агол од ѕидот, зјаеше совеста. Под креветот спиеше немирот. На климавата маса, се потпираше надежта.

Хуанита, ја беше фатила за рака љубовта и чекорејќи низ тоа заледено трошно собче,  го режираше филмот одново и одново. Оптимистички се обидуваше последниот кадар да го избрише од меморијата. Немоќта немилосрдно ја изморуваше. Го посматраше тоа бестелесно лице на љубовта и ѝ раскажуваше:

„Веднаш зад бенката од задната страна на лицето ми порасна една болест.  Ја осудив  и ја ставив во самица. Леон не знаеше. Ако му кажев немаше да ми дозволи да не ги пијам лековите. А ако ги пиев немаше да бидам сега бремена“.

Испушти оловен здив. Мислите ѝ шкрипеа. Големиот напор да ги преброи беше непотребен. Тие засилено јуришаа и ги чувствуваше нескротливи. Во собата изгреа сонце. Денот почна да се соголува. Надежта ги раздвижи своите нозе и се истегна. Една единствена мисла како пијавица се беше залепила на душата на Хуанита. Се праша себеси дали ако може повторно да избира, дали  би го направила истото или би го поштедила Леон? Дали би се откажала од она што го носи во утробата, за да не го повреди него? Дали лековите би биле негов спасител?

        *                                       *                                       *

 „Душо, душанке, душице!“, љубовните тонови на Леон трчаа низ просторот, се лепеа како тапети. Се упати кон ходникот и продолжи сочно да ја довикува. Пенисот му беше препотен. И тој како да потпевнуваше и да држеше ритам со нотите на Леон. Ја регистрираше нејзината нетрпеливост. Хуанита нервозно му шлапна:

„Која ти е таа Душица, море?“, па продолжи безмислосно: „Или совеста ти клокоти дека ми си ја јадел душата сиве овие години?“ и заврши фатално со: „На душа ќе ме носиш така да знаеш!“.

Таа беше застаната пред вентилаторот. Ја свитка косата како весник во два потега и го раскомоти голиот врат. Екстатично го впиваше студениот воздух, кој како и многумина во овој усвитен ден, некоординирано се однесуваше.

Леон ја посматраше неколку бедни секунди. Сликите што му испливаа на компјутерот, го направија гладен по неа. Само еден збунет миг му беше доволен да го впие мирисот на нејзината коса од таа слика. Да се присети и да почувствува како нејзиното недонахрането тело се триеше од неговото. Со безнадежност на осуденик на смртна казна, тие денови, ја следеше само да ја гледа како му поминува пред очи. Каде да одеше, љубовта за неа ја носеше на своите две раце, како мало немоќно бебе. Сепак, сликата беше сведок за неочекуваната љубов на Хуанита кон него. Лузната што го нагрдуваше пределот околу неговото око, алова како најзиниот омилен кармин ѝ беше неверојатно примамлива. Беше очајно пресреќен. Со истото чувство, последните месеци, забележуваше дека нејзиното тело создава нова вид на уметност. Од правите исушени линии почнуваше да црта кругови, формираше лак во пределот на колковите, со умешни контрасти ги буеше градите, а во погледот бојосуваше цветови. Ја здогледа како прелетува од една во друга соба. Пенисот му алармираше. Хуанита беше маалската Мерилин Монро. Но само тој беше екслузивниот нејзин поседник. Бенката на врвот од левиот брег на нејзината усна пркосно го гледаше Леон. Пулсираше во ритамот на неговите хормони. Нешто во него дивееше како разуздан бран. Мислите сурфаа по кожата на жена му. Неговата страст висеше на конец.

„Што правеше таму пикнат со носот во компјутерот. Пишуваше со некоја? Каде ти е телефонот?“

Гигантски бран го повлече и тој се удави. Ги стави рацете во бермудите и наместо телефон, го напипа сѐ уште храбриот пенис. Ноншалантно призна дека телефонот не е во него. Кога таа вешто се закачи за тоа прашање наместо за неговиот полов орган, Леон си ги потстегна бермудите.  Кукавички се откажа од сексот. Хуаните нервозно се лулаше низ собите и мошне умешно издетектира дека телефонот испарил. Влегуваше и излегуваше низ просториите, со исто задоволство со кое Леон би го правел тоа во  неа.

Хуанита чадеше од бес, како што денот чадеше од спарнината. Немаше воздух баш како што го немаше и телефонот. Таа лазеше по подот со инаетна решителност да го најде.

Неговиот молк, таа го протолкува како сигнал за предавство. Во последните месеци во мислите си премотуваше едно сценарио. Режираше филм за тоа како ќе го фати Леон со друга. Само актерките ги менуваше. Но секогаш тој се сопнуваше од истиот камен. Беше трапав со телефонските пораки и вештата Хуанита тоа го искористуваше. Но во филмот, никогаш не си имаше дадено улога дека ќе ползи под кревет.

Кога почувствува дека ја изголта цела прашина под него, се насмевна колку била будалеста. Излегувајќи, случајно го здогледа телефонот позади задната ногарка од креветот. Кутриот телефон, не го спаси ни мимикрија. Конечно го имаше телефонот во рака. Мислите почнаа да ѝ ферментираат. Интензивниот мирис почна да го чувствува дури и во устата. Очите ги затворија своите кепенци. Се виде себеси како го отвора телефонот. Си ги препозна движењата на прстите кога му пребаруваше по пораките. Отвори во сликите. Си ги забележа очите како сигнализираат пожар. И како со поглед ја опожаруваат сликата, телефонот, девојката на сликата, целиот свет. Но не си го разбра умот. Умот беше првиот што изгоре кај Хуанита. Од толку шминка, на таа дамнешна слика, не можеше да се истакне најубавиот нејзин атрибут, таа фатална бенка, што во овај случај ќе ѝ беше доделена улогата на миротворец.

Затоа не чинело жена да е премногу слаба, но и пренашминкана, ќе помисли Леон десетина минути подоцна. Освен што можело да си го изгуби личниот опис, на некој начин можело да го изгуби и разумот. Но пред да му дојде таа мисла, кутриот Леон седеше пред вентилаторот, замислуваше како му приоѓа Хуанита, потна, прашлива, месеста, со надојдени гради и цврст бакнеж.

Беше романтично опуштен.

Но наместо бакнежот, таа цврсто го стегаше ножот и ја сечеше омарнината која сѐ уште не се предаваше. Со еден чекор успеа да го прерипа целиот ходник. Му пријде на Леон  позади грб, со дланката бесно го зграпчи за коса, максимално му ја истегна и инаетно го истргачи. Столот тресна на подот заедно со него. Нозете збунето му претаа при слободниот пад назадечки. Таа им фрли еден валкан поглед, додека сѐ уште се тетеравеа низ воздухот. Како да сече леб, помина со ножот неколку пати по нивната површина. Местата инстантно закрвавеа каде што беше длабок засекот. Леон шокантно вртеше со очите не можејќи да се сосредоточи. Извлече од грлото само еден страотен вресок и згрми од болка. Со хаотично неверување, побеснето праша  „Што ти е жено, зарем си го изгубила сосем разумот?“ Просторијата грмеше од крвавиот адреналин на двајцата. Нејзиниот адреналин борбено го пречека неговиот кој растеше од секунда во секунда. Имаше намера да ја смести помеѓу штиците на паркетот. Или макар меѓу тулите на оваа стара куќа. Ѕверот во него неколку пати го повтори прашањето и откако не доби одговор се обиде да стане, да ја дофати. Сакаше да ѝ го види лицето.  Таа дишеше отсечно и плитко, но не помрднуваше ни уста ни тело. Само очите константно ѝ трепкаа. Леон се обидуваше да ги тргне тешките оловни тегови од нозете. Се исправаше како старец. Поразен и спор. „Што ти се случи, што ти е?“- повторуваше уморно, скоро без здив. Меѓу веѓите, таа му ја впери сликата од телефонот. Во безизразноста на нејзините очи, тој препозна познат неверник. Хуанита не веруваше во Бога, не веруваше во Леон, не веруваше во никој и ништо. Сигурен беше дека Хуанита не веруваше дека го беше ранила него. Таа не си веруваше ни себеси. И ѕверот и старецот го сфатија тоа и се  разоружаа. Неа ѝ беше потребно да ѝ се докаже дека може да се потпре на него. Кога веќе не верува во него, макар да верува во неговата љубов. Дека ништо не може да надвладее и да ја уништи љубовта која тој ја имаше за неа. Покрај толку години поминати заедно таа не беше свесна дека Хуановата љубов беше од дефинитивна и безусловна сорта.  Неговите последните сили му дозволија мала насмевка. Тоа ја предизвика Хуанита повторно да замавне со ножот. Во тој момент, Хуан веќе знаеше што да направи. Додека му го објаснуваше недоразбирањето што се случило со сликата, паралелно го правеше и чинот на љубов кон неа. Дланката што го држеше ножот ја опфати со неговата, ја стегна цврсто, ги затвори очите, ја закочи вилицата и замавна кон неговото слободно рамо.  Како во некој транс, изгубени и занесени, двете дланки, машка и женска, претопени во една тупаница, невешто, направија неколку засеци по неговите раце. Тоа беше последниот негов обид да ѝ покаже дека ја сака повеќе од самиот живот. Низ ребрата на ваквата болка се надзираше зачетокот на нешто сосема ново, непознато, но долгоочекувано.

 

 

 

 

 

 

 

 

                            


Comments

Popular posts from this blog

Книгите (според Sash) кои секој писател мора да ги прочита

НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“

ЅВЕЗДАНА „ЦРВЕНКАПА И НЕЈЗИНОТО ЛУДИЛО“