Гнев-Л.Џ

 



 Работилницата за креативно пишување продолжува. Нашата мила Л.Џ. напиша прекрасен расказ според новинарски текст.  




Гнев-Л.Џ

,,Гневете се, но не грешете, сонцето да не зајде над гневот ваш“

 

Кога Леонора се разбуди Месечината ја беше преплавила нејзината ќелија. Не се сеќаваше кога заспа. Нејзината златна коса беше растурена на перницата како сноп од жолта слама, а очите длабоки и доволно црни за да се спојат со ноќта. Леонора се сврте полека кон Месечината како да бара последен светол зрак за себе. Последното нешто што го паметеше беше крв насекаде околу себе. Полека почна да се присетува и на другите работи. „Ох што сторив? Зарем можев навистина да го сторам тоа? Мојот мил Хуан, како е, дали е сѐ уште жив?“ Со тага почна да го замислува својот мил сопруг.

Толку малку знаеше за него кога прв пат ја поминаа ноќта заедно! Но, таа ноќ беше пресудна. Веднаш знаеше дека ја пронајде својата дестинација засекогаш. Тој не беше зборлив како и таа, но тие го пронајдоа патот до нивната љубов. Тоа лето беше топло. Еден ден таа одлучи да патува од Мадрид до Сеговија да ја посети катедралата Алцазар во Сеговија. Беше облечена во тенко црвено фустанче на прерамки, а нејзините рамења, бели и округли, беа високо подигнати и излеани како од бронза.

Студениот и застојан воздух ја пресече кога влезе во катедралата. Должината на катедралата беше голема и пред секоја соба на уметничките дела имаше име. Под секое дело беше наведено од кој век е и кој уметник го цртал. Беше толку обземена од изложените дела, што не сети кога дојде пладне. Вниманието ѝ го привлече еден портрет на кој имаше војник кој му помагаше на друг ранет војник да се подигне и оди, а насекаде околу нив имаше мртви тела! На нивните лица се гледаше болка, а нивните црвени униформи гордо ги красеа нивните тела. Во еден момент Леонора сосема се исклучи, замислувајќи се себе си како таа му помага на тој војник со ранета нога. „Глупави размислувања“,  си помисли и како да се разбуди од некој сон.

Се сети за приказните за битките за сите тие голем борци кои сториле толку многу за Шпанија. Како сѐ уште да го слушаше гласот на својата покојна баба. Тоа било некогаш. „Денес Шпанија не бара херои“, се насмевна во себе.

Катедралата имаше големи, пространи простории и скали кој одеа нагоре кон врвот. Кога Леонора стигна до врвот не можеше да ја одржи рамнотежата. Набрзина најде еден столб и се наслони на него. Не сакаше ни да погледне во пред себе, понекогаш гадно и се лошеше од такви височини. Во еден миг пред неа стоеше човек. Сенката од неговото тело го попречуваше Сонцетo кое ѝ светеше во очите и сега таа појасно можеше да види. Таа помисли дека некој од мртвите уметници се појавил пред неа, оти во него имаше одлика на еден вистински маж, да ги заштити и да им помогне на послабите. Неговото тело беше тенко и слабо, беше облечен во високи кожни чизми, темни панталони со извезен елек обоен во сина, црвена и пурпурна боја, а неговата коса беше уредно исчешлана. Сино - сиви очи ја погледнаа, мислиш живи и полни со смеа, и сето тоа укоричено со острите црти на лицето, за кои Леонора во истиот момент сфати дека се особено привлечни.

„Што Ви е сењорита? Вашето тело трепери како лист и образите Ви се бледи? - ја гледаше со насмеаните очи. Како да ви помогнам, јас сум Хуан“ , рече мажот и ѝ ја подаде раката, како некој витез.

Таа проба да се насмевне, но не и одеше од рака.

„Би сакала да се симнам долу“, слабо прошепоти таа. Кога тој ја опфати околу половината и ја наслони на него за да ѝ помогне да тргнаат, таа затрепери од тој допир. Додека го поминуваа темниот премин, таа сосема се наслони на него и тоа малку сила што беше во неа исчезна. Поминаа покрај сликата, каде што таа помина толку многу време,неа проучувајќи ја и се почуствува како таа да е ранетиот војник, а тој војникот кој помага.

Неговиот дом беше топол, јадењето вкусно, енџелата со свеж зеленчук и сангрија за пиење. Таа си дојде на себе и се прашуваше како можеше одеднаш да се најде во непозната куќа со непознат човек, а при тоа да се чувствува смирено. Тоа беше првата средба со Хуан.

Таа смиреност со текот на времето исчезна. Секогаш кога Хуан не беше покрај неа, секогаш се прашуваше каде е. Секогаш стоеше на прозорецот чекајќи го да се врати, немо гледајќи ги празните улици и ветрот како ги крева лисјата и ги витка гранките од дрвјата, а него го немаше. Го немаше нејзиниот маж!

Почна да го замислува со други жени и да станува параноична во врска со него! Беше незадоволна кога други жени го посматраа и разговараа со него.

Сѐ додека не ги здогледа тие слики во неговиот телефон, до тогаш можеше да поднесе сѐ. Но откако ги виде сликите сѐ се промени. На една од сликите во неговиот телефон беше млада шпанска танчерка со мила насмевка, во миг кога изведува некоја тешка фигура, со прекрасно нашминкано лице и фустан кој просто пленуваше.

.„Тој сака друга!      

Таа помисла никако не ја напушташе, и кога најпосле одлучи да се соочи со него настана хаос. Не ни проба да го сослуша кога ѝ објаснуваше. Сѐ се случи многу брзо.

Не можеше да се сети како ножот одеднаш се најде во нејзините раце, ниту како ја изгуби контрола и започна да вика и да го напаѓа со навредливи зборови. Можеше само да се сети низ темнина дека изгуби поим за сопствените движења, и дека во следниот момент го употреби ножот како полудена, дека го бодеше, не давајќи му никаква шанса да се одбрани.

„Дали умре?“ - се прашуваше, кубејќи си ги косите.

Кога полицијата дојде таа беше молчелива и воздржана и кога нешто ќе кажеше беше очигледно дека внимава што ќе каже. И сето тоа создаваше некоја таинствена атмосфера. Тие сѐ уште не знаеја зошто таа го нападнала својот маж, но со сигурност знаеја дека таа го избодела со нож, со пет убоди. 

Кој би можел да помисли дека Леонора ќе направи нешто такво. Таа беше слаба и кревка, имаше нежни црти на лицето и длабоки крупни црни очи.

Таа остана неколку месеци во затворот. Пред да се донесе пресудата, Леонора беше безживотна. Не ѝ беше важно ако остатокот од животот го помине во затвор. Зар сега за тоа би се грижела. Таа и онака ќе биде сама. На тоа порано воопшто не помисли. „Барем Хуан да беше жив. Длабоко во душата се потресе. Животот веќе не е ништо за мене“, си помисли, само едно болно отчукување на срцето.

Беше студено, мрачно, магливо утро, што не носи никаква надеж! Во единаесет часот дојдоа по неа. Денес е пресудата. Таа немаше свое семејство. Беше сама. Одеше кон просторијата со наведната глава. Се сети на една песна што постојано си ја потпевнуваа со Хуан.

 ,,Со тебе радоста е постојано нова,

Со тебе животот е бескрајна среќа“

 Стигна до самиот агол каде што требаше да биде сместена. Некој ја допре нејзината рака. Првото нешто што таа го почувствува и помисли при тој допир беше: Тој е жив! О, Господе тој е жив!“

 Ја подигна главата. Еден момент просто не можеше да дише. Крвта заструи низ нејзините вени, качувајќи се до образите. Таа подзастана, не сакаше да продолжи, сакаше да е тука до него. „Тој навистина е жив!“

„Наскоро ќе оздравам“, ѝ шепна, кога таа се наведна да го бакне. Погледот што го имаше од обвинителната клупа воопшто не ѝ се допаѓаше. Тој беше сместен во инвалидска количка, неговата десна нога ја немаше, беше ампутирана. На неговото мршаво лице како два сини длабоки извора светеа неговите сино- сиви очи, кои упорно гледаа во неа. Беа тажни. Хуан засекогаш ќе биде инвалид. Куц! Тоа беше белег, жиг што таа го остави во неговиот живот! Како биковите што се жигосуваат на некоја фарма кога се спремаат за тореадор. И одеднаш, од немајкаде, Леонора се сети на војникот кој беше тешко ранет во ногата, а неговиот другар му помагаше да стане. Тој беше херој, но Хуан?

Кога сите се исправија знаеше дека следат последните зборови на судијата

„Невина“, гласеше пресудата.

„Тоа не е возможно“, помисли. Беше толку возбудена што рацете ѝ се тресеа. Зар после ваква трагедија може да биде невина? Сакаше да вика на цел глас: „Виновна сум, виновна сум!“, но се заврши во молк.

******

Не беше потребно некој да ја води во таа добро позната соба во која често ги поминуваа квечерините со Хуан. На масата имаше запалено свеќи, се стемнуваше. Фотелјата, тоалетната масичка, чашите за чај, сето тоа не го смируваше немирот во нејзиното срце.

„Дојди“, ја повика тој да седне покрај него. „Погледни мила, добро погледни“, го извади телефонот од неговиот џеб и почна да ѝ ги покажува сликите со младата прекрасна танчерка со мила насмевка.

„Што треба да значи ова Хуан?“ се побуни Леонора. Се колебаше дали да погледне и во следниот момент се поцрвене и толку многу сакаше нешто да каже, како да не можеше да пронајде зборови!

„Да мила, тоа си ти, уште многу одамна пред да те запознаам“, ѝ зборуваше Хуан. „Ги пронајдов овие слики случајно во твојот компјутер и си помислив колку си прекрасна!“

Леонора почувствува дека срцето ќе ѝ скокне од градите кога ги препозна сликите од деновите кога беше помлада и сакаше да стане позната танчерка. Нејзиното лице го натопија покајнички солзи. Ја наведна главата во неговото крило, токму таму каде што му беше отсечена ногата. Тоа што го откри беше ужасно. Но, таа беше покрај човекот кому најмногу му требаше сега.

Знаеше дека оваа несреќа ѝ отвораше поширок простор за да ја излее својата љубов! Ова беше несреќа која тие можеа да ја победат.

И додека сите битки се одигруваат на военото поле оваа битка се одигруваше во нивните души. Беше тоа битка во која не се знаеше кој е победникот, а кој победениот. Затоа што тие двајца си припаѓаа еден на друг, како што денот ѝ припаѓаше на ноќта, а ноќта му припаѓаше на денот.

Седнати  еден до друг задлабочени во тишината на приквечерието додека последните зраци од златно-црвеното сонце се спушташе над нивните глави. Тие знаеја дека се на вистинскиот пат на љубовта.

 

 

 

 

 

 

 

Comments

Popular posts from this blog

Книгите (според Sash) кои секој писател мора да ги прочита

НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“

ЅВЕЗДАНА „ЦРВЕНКАПА И НЕЈЗИНОТО ЛУДИЛО“