ЅВЕЗДАНА „ЦРВЕНКАПА И НЕЈЗИНОТО ЛУДИЛО“


 


Драги мои,

Нашата Eсенска Работилница полека ги дава првите резултати. Ѕвездана направи римејк на познатата сказна „Црвенкапа“. Слободно давајте ги вашите коментари и оцени.



Ева го облече црвениот капут и излезе низ вратата од станот. Додека се симнуваше по скалите, со едната рака си ја поднамести капата. Црвената плетена капа ѝ стана заштитен знак. Ја обожуваше бидејки пред неколку години ѝ ја сплете нејзината баба, но и затоа што ѝ прилегаше совршено на зелените очи и русата коса. Другарките, на шега ја викаа Црвенкапа, секогаш кога ја носеше.

 Симнувајќи се по скалите, со ќесата во едната рака, Ева безуспешно се обидуваше да го стегне капутот, затоа што надвор времето беше студено. Сакаше што побрзо да го однесе гроздовиот сок на баби си. Ружа одново беше анемична, и беше убедена дека сокот ѝ помага.

Кога излезе од зградата, Ева веднаш се покаја што се реши да оди пеш, наместо со автомобил. Ветрот беше ледено студен и продираше низ облеката. Го мразеше чувството кога ветрот ѝ дува в лице. Секој мускул на лицето започна да ѝ се грчи и мрзне, но реши да појде пеш, затоа што цел ден го помина пред компјутерот во седење, па одењето неколку блока ѝ се чинеа како добра идеја за раздвижување.

Чекореше брзо, со наведната глава, мислејки дека работењето од дома во вакви студени денови е одлична идеја. „Само некој луд не би излегувал од дома доколку не мора“, си помисли.  

За малку не се судри со високата машка фигура која излегуваше од зградата покрај која поминуваше во тој момент. Тоа беше Волкот. Така го викаа новиот колега кој се префрли од канцеларијата на нејзината компанија во Австрија. Се викаше Волфганг, што во слободен превод значеше волчјак или волк. Работеше на важен проект и веќе неколку месеци живееше во Скопје. Ева знаеше дека живее во нејзината населба, но се изненади дека всушност живеат само неколку блока еден од друг. Волкот доагаше на работа со мотор, па затоа ретко се среќаваа по пат, а во последно време Ева претпочиташе да работи од дома.

„Здраво Ева, драго ми е што гледам тебе. Веќе четири дена не доаѓаш во канцаларија.“

Крупните и светли очи го правеа погледот на Волфганг дури и попродорен од самиот ветар. Имаше нешто провокативно во погледот од кој не се читаше ништо. Сјајот во очите на високиот маж, во комбинација со широката насмевка го правеа и примамлив, и застрашувачки во исто време.

Ева како да се збуни од привлечноста што ја почуствува кон него. Го имаше забележано во неколку наврати во канцеларијата.  Го имаше фатено дека ја следи со поглед. Се сети на чувството што ѝ го предизвикуваше секогаш кога беше во негова близина.

„Здраво Волфганг, каде си тргнал по вакво време?“, беше сѐ што изговори, видливо збунета од неочекуваната средба.

Тој очигледно импониран од впечатокот кој знаеше дека го остава, навидум ја игнорираше нејзината збунетост. Цврсто зачекори покрај неа во правец на паркот, по тесната и слабо осветлена патека завеана со снег. Продолжија да чекорат еден до друг.         

Волфганг се обидуваше да зборува македонски, објаснувајќи дека излегол да се прошета до паркот, затоа што тоа што она ние сме го сметале како лошо време бил сосем нормален зимски ден во Австрија и тој сакал да го искористи за разбистрување на својата глава.

„Јас да не морав да одам до кај баба ми,“ - покажувајки накај ќесата која ја носеше – „не би излегла од дома цел викенд.“ – рече Ева.

„Убава идеа, но за да се затвориш дома и да ти биде забавно најдобро е да сте минимум двајца.“– одговори Волфганг по мала пауза.

Ева остана збунета од одговорот. Можеше да му одговори нешто со ист тон и во ист манир, но не сакаше да го наведува муабетот натаму, тоа беше опасна зона за која не беше подготвена. Одново по неговата реакција не можеше да прочита дали Волфганг тоа го рече со доза на очај или пак тоа беше провокација.

Се присети на неговата доминација во канцеларијата, начинот на кој сосема самоуверено зборуваше на состаноците додека истовремено ја следеше со поглед. Неговите телесни движења беа сосем смирени додека го презентираше напредокот, тој зборуваше сконцентрирано и јасно, додека сините скоро проѕирни очи како да продираа низ неа. Не знаеше дали ја гледа така затоа што ја смета за привлечна или таа за него беше закана, конкуренција, која ако сакаше можеше да ја растргне, како волк својот плен.

Неговата уста. Не можеше да се сети дали таа беше голема или тоа беше само нејзин впечаток заради широката насмевка и сјајните заби. Посака да застанат, да се сврти кон него за да го погледне во устата. Во тој момент, како да ѝ ги прочита мислите, Волфганг застана пред неа и го стави својот шал на нејзиниот врат, држејќи ги двата краја во неговите дланки. Секундите се чинеа како минути. Тој можеше во секој момент да ја привлече кон себе и неговите усни ќе се најдеа на нејзините. Тие стоеа толку близу, што Ева можеше да го почувствува неговиот здив на своето лице. Неговите усни се извија во добро познатата насмевка, како да знаеше што мисли Ева. Како да си поигруваше со нејзината нервоза. Стоеја така неколку секунди, повеќе од потребно, откако шалот веќе беше околу нејзиниот врат, но доволно долго за да Ева ја полазат морници од енергијата која лебдеше меѓу нив.

Тој заврзувајќи ѝ го шалот смирено рече:

„Гледам ти е ладно, се тресеш.“

Потоа само се сврте и продолжи да чекори полека зборувајќи за тоа како луѓето во Македонија не спортуваат доволно и многу малку се движат. За тоа како паркот кон кој наближуваа беше скоро празен во таа доба, што многу го разочарувало.

Не знаеше дали Волфганг има пријатели во Скопје. Нејзините колеги неколку пати организираа дружба во бар на почетокот од неговото доаѓање во Скопје и тој со задоволство им се приклучи. Иако со задоволство ги прифакаше поканите за пијалок после работното време, Волфганг делуваше самоуверено и не оддаваше впечаток на личност на која ѝ недостасува друштво. Имаше во него нешто особено, прекрасно, а сепак далечно, нешто што неа ја потсетуваше на онаа народната-Волк Самотник. Можеби беше тоа јазичната бариера, иако тој сосема го разбираше македонскиот јазик, можеби во прашање беше менталитетот, таа не можеше да одгатне. Или пак човекот имаше пријатели, само тие од компнаијата не беа свесни за тоа. Сепак, во овој момент таа се замисли дали можеби е осамен и затоа сам решил се шета во парк во петок вечер. Ева не размислуваше за излегување таа вечер, за неа зимата беше време за зимски сон и таа скоро никогаш не излегуваше толку доцна. Да не требаше да оди во посета кај баба ѝ Ружа, таа ќе седеше облечена во пижами и ќе уживаше во чаша вино, гледајќи филм.

Не знаејќи зошто, се слушна себе си како изговара:

„Дојди со мене до кај баба ми, нема да се задржувам долго, ќе ми правиш друштво и за враќање. И онака нема никој во парков, а и се стемнува. Башка, ако се шеташ сам, некој ќе помисли дека си некаков предатор.“

Почна да се смее, ама во истиот момент ѝ се вклучија ламбичките. Почна да се прашува:

„Што ќе си помисли од коментарот ќе ми правиш друштво за назад? Какво друштво? Друштво за што?“

 Тој ѝ беше колега, живееше близу до неа, секоја несериозност можеше да биде протолкувана погрешно и како знак на непрофесионалност. Ева не знаеше ни зошто по ѓаволите го покани кај баба си, како да и требаа прашањата на Ружа или потоа на мајка си кога ќе чуеше дека се појавила со дечко за кој никој не беше чул до тогаш.

Сепак, Ева го знаеше многу добро она чувство што го нарекуваше нејзино лудило. Не беше прв пат да направи непромислена работа и да си го усложни животот. Но тоа беше таа и веќе на глас го покани Волфганг кај баба си.

Тој не изреагира никако, а таа се понаддева дека може би не ја разбрал или чул. Сепак ветрот беше доста гласен, барем така се надеваше. Си помисли дека можеби ќе има начин да се извади од целата ситуација, но пред да каже било што, Волфганг само го помина влезот во паркот и продолжи да чекори до неа. Беше јасно дека истиот се согласил да оди кај баба ѝ Ружа.

„Боже човеков, како може некој да биде толкава енигма!“.

Волкот како да се забавуваше тоа што таа се се обидуваше да воведе контрола на целата ситуација, а тој сосем природно продолжи да оди покрај неа, по тесното патче кон баба Ружа, како да го правел тоа милион пати.

Ева сакаше да стисне пауза на целата ситуација и да има време да ги смисли следните постапки, но за жал тие веќе се приближуваа до куќата на баба ѝ. Таа го притисна ѕвончето и баба Ружа ја отвори вратата.

„Ева Црвенкапче мое, влези мила“. Ружа се смееше и зборуваше гласно, држејки во едната рака чинија со колачиња. Кога го здогледа Волфганг, само ја поттурна повнатре за да се поздрави со непознатиот господин која ѝ се смешкаше.

„Добар ден чичко Перо.“

Соседот Перо седеше на удобниот стол во дневната. На масичето пред него кафето сеуште испаруваше врело од шољите.

„Бев на лов па поминав да ја видам баба ти. Разбрав дека е болна па да видам дали ѝ треба нешто.“

Чичко Перо седеше облечен во маскирен костум со пушката потпрена на столот. Изгледа дошол директно од лов. Ева не знаеше дека се толку блиски со баба ѝ Ружа, но ѝ беше драго дека има друштво вечерва.

Ружа се беше озарила на Волфганг, кој одеднаш како да беше друг човек. Беше мил, фин и блажно се смешкаше на баба ѝ, со која отидоа во кујната да направат чај. Волфганг не пиеше кафе, тоа го знаеше од состаноците на кои секогаш доаѓаше со шише вода.

„Значи знаел да покажува емоции“, си помисли.

Волкот или глумеше или навистина покажуваше интерес за болеста на баба Ружа и за тоа како имало и подобар лек од гроздовиот сок, а тоа е маџун што ѝ го донел чичко Перо. Дури ѝ го чу како се смее на приказната која ја раскажуваше Перо за тоа како се обиделе да убијат волк кој се симувал во неговото родно село и правел штети. Баба Ружа посебно се израдува кога Волфганг зеде и второ колаче, фалејќи ги колку се крцкави, тоа беше друг лик, топол, пријатен. Кој беше овој човек и зошто го донесе на кај баба ѝ, си мислеше Ева.

„Мораме да одиме,“ отсечно рече Волфганг и погледа кон Ева.

„Да, рече таа, ние дојдовме само за да ти го оставам лекот...доцна е и мораме да се вратиме назад.“  

Ружа почна да негодува, но Перо ја пресече:

„Ружо, млади се они, а и петок вечер е, сигурно имаат некаков план.“

Чичко Перо остана да седи удобно во столот без намера да си оди скоро.

„Дали и некој друг исто така планирал петок вечер да му биде забавен“, си помисли Ева.

Колку и да се згрозуваше на помислата баба ѝ да има љубовник, ѝ беше драго што нема да е сама.

Волфганг веќе го беше облекол своето палто, а неговиот шал сѐ уште стоеше на закачалката со нејзиниот капут. Пресече набрзина и едноставно ја стави црвената капа на глава и си го замота шалот. Не беше прав момент пред баба ѝ да покажува дека таа и не е којзнае колку блиска со него, па не беше сигурна дали треба да му го врати шалот или да го стави на себе.  

Тргнаа по улицата нагоре, сега ветрот им дуваше во грб, но заради студеното време патот беше подмрзнат.

„Да не се лизнеш“ - ѝ рече, и ја фати под рака, го имаше истиот лик од претходно – безизразен, ладен, но самоуверен.

Имаше само неколку блока да смисли како да се извади од целава ситуација без притоа да направи хаос на целиот свој живот, а воедно и кариера. Ќе му се заблагодари за придружбата и ќе си замине штом стигнат до неговата зграда. Ќе каже дека има план за утре и треба да стане рано. Мора некако да се извади, си мислеше.

Додека ја чуствуваше топлината од неговата рака врз својата, одново ја почувствува енергијата што ѝ проструи низ телото кога Волфганг стоеше блиску до неа додека ѝ го ставаше неговиот шал.

Како да ѝ ги прочита мислите, во истиот момент ѝ ја стисна раката за која ја држеше со што таа подзастана. На неговиот лик одново заблескаа ледените очи и усните му се развлекоа во насмевката од која и најприсебната жена би ја претвориле во наивно девојче.

Не тргајќи го погледот од неа ѝ рече:

“Your place or mine?

„Кај мене“.

Продолжија да чекорат еден до друг, одминувајќи ја неговата зграда.

     „Барем кај мене знам дека е топло“, си рече Ева. 

      Додека го отклучуваше станот, Ева не стравуваше за тоа каков впечаток ќе остави пред Волкот, затоа што таа беше уредна личност, па гости или не внатре сѐ беше на свое место. Oна што на неа ѝ се вртеше низ глава додека го соблекуваше капутот и црвената капа, беше дали сѐ уште има барем некаква шанса да се извлече од целата сплетка која сама си ја креираше.

„Можеби ќе испеме чаша вино, ќе поразговараме за тековната работа, па ќе го испратам да си оди“ - се понадева Ева. Тој можеби и не беше заинтересиран за неа на романтичен начин, можеби се беше нејзина замисла, бидејќи тој со ниедна постапка не ѝ даде сигнал какви намери има, туку со својата самоувереност и безизразност само ја играше улогата во нејзиното сценарио. Ева беше таа која го покани кај баба ѝ и во својот дом, таа која дури влегуваше во својот стан мислеше какво вино и мезе да послужи. Навидум жртва сплеткана во непријатна ситуација, можеби токму таа беше волкот, а тој нејзиниот плен.

Волфганг го соблече своето палто и со поглед помина низ нејзиниот стан.

„Очекувано“.

Тој го кажа тоа по кратка пауза одејќи кон прозорецот.

         „Станов и не е многу поразличен од тој на Ружа, само без цветните тапети“ – се пошегува Ева, додека од ладилникот го вадеше виното.

Волкот стоеше до прозорецот и гледаше низ него. Неговиот израз остана непроменет. Ева се сети како никој до сега не го анализирал нејзиниот стан како што тоа го правеше тој. Нејзините пријатели активно учествуваа во уредувањето на истиот, а љубовниците минуваа низ него или попатно застанувајќи на шанкот за да испијат уште по еден пијалок, или пак го играа танцот на препнување и бакнување од влезната врата до нејзината спална соба.

„Интересна колекција на книги“ - рече Волфганг стоејќи пред нејзината гордост, библиотеката.

„Благодарам, тоа е највредното парче мебел кое го поседувам.“

Ева му раскажа како библиотеката ја видела на слика во антикварница на едно од нејзините патувања во Италија, и дека истата ја добила испорачана на парчиња после неминовната реставрацијата.

„Ми беа потребни повеќе од недела дена, неколку пријатели и татко ми за да ја монтираме. Но се вклопи совршено“ - рече гордо на крајот.

Таа ги беше извадила чашите од зелен кристал, нејзините омилени и во моментот кога почна да сипува од виното Волфганг рече: „Многу е топло тука“ и почна да го соблекува џемперот, а со него поткревајќи ја маицата. Ева можеше да види дел од добро обликуваните стомачни мускули. Тој ја забележа како ѕјапа во неговите гради, бидејќи глетката беше толку примамлива, што Ева заборави на виното и за малку не ја преполни чашата. Ева се подзасрами, па ѝ требаа неколку моменти за да се присобере дури сипуваше вино во втората чаша. Помисли дали да го покани на шанкот или да ги однесе чашите на масичката пред троседот во дневната соба каде што беше тој.

Со проклетата продорна насмевка, Волкот го фрли џемперот на троседот, пријде на шанкот, ја зеде чашата потчукнувајќи ја од нејзината. Додека Ева се мислеше како да наздрави, дали да каже на здравје или за нас, или некоја друга глупост, Волфганг се напи од виното и зачекори кон средината на просторијата.

Ева ја зеде даската со мезе заедно со својата чаша вино. Таа претходно набрзина нафрла крекери, сирење и џем. Беше горда што можеше во секое време да пречека гости, но сега тоа и не беше важно. Волкот стоеше пред неа со виното во рака и таа не знаеше како да се однесува понатаму.

Ева отпи поголема голтка од виното, ја зеде даската и ставајќи ја на масичката, седна на троседот. Волфганг остана да стои на средината од собата со поглед фаќајки го паднатиот градник покрај троседот. Тоа беше обичен градник во бордо боја кој Ева го носеше секојдневно. Сигурно и паднал додека се спремала за кај баба Ружа.

Ева стана со изговор дека заборавила да донесе чинии и отиде во кујната. Враќајќи се со двете мали чинии и специјалниот нож за сирење, го затекна Волфганг како стои до троседот со градникот обесен на еден прст. Памучниот градник беспомошно висеше од неговата дланка.

Ги остави чиниите и се исправи пред него. Беше повисок од неа, па мораше да ја поткрене главата за да го погледне во очи. Реши дека самоуверено ќе му се спротивстави. Ева не беше навикната да биде во улога на збунето девојче кое не знае како да се однесува. Ова чувство ѝ беше ново. Тоа што чувствуваше трема и збунетост од неговата близина ја збунуваше и излудуваше.

Гледајќи го во очи, ја подаде раката да го земе градникот. Волкот се повлече наназад истовремено подигнувајќи ја едната веѓа. Таа му се приближи, скоро допирајќи го со своето тело, посегна брзо и си го зеде градникот. Сакаше да воспостави контрола и да покаже дека му е рамноправна во оваа игра, па остана така близу неколку секунди повеќе, терајќи го да се повлече и да седне на троседот. Донесен во тесно, наместо да седне, Волфганг остана да стои и да ја гледа Ева во очи. Со прстот ѝ го тргна перчето од разбушавената коса и ѝ го стави зад вратот. Го лизгаше прстот по нејзиниот врат, чувствувајќи го нејзиниот забрзан пулс. Потоа ги спушти рацете и ја соблече својата бела маица.

„Да продолжиме каде што застанавме“ – рече, стоејки полугол пред неа. Неговото дишење остана рамномерно, мислиш прави најобична работа. За разлика од Ева тој како да имаше апсолутна контрола врз своите реакции. Ева не можеше да го тргне погледот од неговите гради и добро обликуваните раменици. „Се исплатело да вежбаш“ – си помисли и се свести како порано си замислуваше дека луѓето во љубовните сцени треба да се опиени од љубов и романтика, додека таа сега, кога пред неа стои својот полугол колега, возбудена но не романтично и си прави шеги.

Волфганг ја обви соблечената маица околу нејзиниот врат, со истиот потег со кој и го обви шалот, држејќи ги двата краја во своите дланки. Очите одново му заблескаа со  проникливиот сјај. Ева одлучи дека не сака повеќе да чека, ѝ беше доста од провоцирачките игри. Му го фати лицето со едната дланка, се нагна кон него и го бакна.

Тоа беше благ бакнеж кој значеше одобрување. Само што сакаше да се повлече наназад, Волкот ја зграпчи, повлекуваќи ја кон себе и страстно ја бакна. Маицата и градникот останаа на подот покрај нив. „Вежбањето не значело само добри стомачни, тој е и силен“. Таа беше толку припиена до него што едвај можеше да дише. Неговите дланки беа насекаде по нејзиното тело, како да ја маркираа својата територија. Тој вешто ја расоблекуваше, опсипувајќи ја со груби бакнежи, брзо и страствено како да сакаше да ја ослободи сета насобрана енергија од моментот кога се сретнаа пред неговата зграда до сега.

Коцките беа фрлени. Ева веќе немаше што да мисли. Нејзиното лудило беше на сцена. Немаше кого да обвини освен себеси. Таа самата го покани Волкот кај баба си, го донесе дома и прва го бакна. „Нема веќе двоумење Ева“, си помисли, „што и да мислел веќе е неважно.“ Тој ја држеше во својата прегратка, бакнувајќи ја страстно и по малку болно. Со леснотија ја подигна во раце и ја однесе право во нејзината спална. Волкот имаше искенирано точно сѐ во нејзиниот стан. Ниту еден чекор кој го правеше не беше случаен.

Стоеа покрај самата спална, Ева стоеше скоро гола пред него, и одново не можеше да го прочита неговиот лик. Гледаше во неа, нејзиниот стомак не беше рамен, таа немаше стомачни, ниту гради како девојките од инстаграм, но некако и не ѝ беше грижа. Тој стоеше тука пред неа, полугол, додека од фармерките ѕиркаа неговите Calvin Klein.

 

Овој пат тој ја гледаше смирено и нежно. Полека ѝ ја тргна косата од вцрвенетото лице. Показалецот го движеше од средината на образот, низ нејзиниот врат, рамениците, по нејзините гради, продолжи да го лизга сѐ до нејзиниот стомак, доаѓајќи до единственото парче облека на неа. Застана и почна да го движи прстот по работ на нејзините гаќички. Таа го згрчи стомакот, оставајќи се без здив, целосно концентрирајќи се на неговиот допир.

На неговиот лик првпат се развлече насмевка, која таа можеше да ја разбере - моја си!

Волкот беше видно задоволен од тоа што го гледа. Вешто се извлече во еден потег од своите фармерки симнувајќи ги заедно со својата долна облека.

Ја бакна Ева во чело, па во носот и потоа во усните. Неговите раце веќе ја држеа за половината фрлајќи ја на средината од спалната. Беше над неа. Овој пат можеше да го почувствува неговото забрзано дишење, како да насети и трема во добро навежбаната маска на неизразност. Мускулите од добро обликуваните раце беа во полн сјај, додека се потпираше на нив. Ја гризна за вратот. Ева се изгуби во напливот на енергија која ја поведе во друга димензија.

По долгите егзибиции и тркалање низ постелата двајцата лежеа задоволни пробувајќи да дојдат до здив. Волкот можеби имаше кондиција, но ни Ева не заостануваше водена од поривот да го има под контрола. Немоќен пред своите пориви тој послушно ја следеше дозволувајќи и таа да го наметне својот ритам и темпо.

Лежеа така, секој со своите мисли некое време. Главата на Ева беше потпрена на неговото рамо, кога тој полека ја извлече неговата рака и стана од спалната. Сосем лежерно свесен за изгледот на своето голо тело отиде во дневната, вракајќи се со белата маица на себе. На усните имаше траги од вино, тој ги облече своите фармерки и тргна наназат, додека Ева сеуште лежеше прекриена со чаршавот.

„Морам да одам, доцна е“ – рече додека ја облекуваше својата јакна.

Ева замотана во чаршавот му се приближи кон влезната врата каде тој стоеше немо, спремен за излегување.

„Џемперот ќе го носам во рака, сеуште испарува топлина од мене“ – и намигна.

Ева одново се најде на непознат терен, не знаеше што да каже и како да се збогува со него. Тоа не беше непознат младич кој го најде во барот, ниту нејзино момче, тоа беше Волфганг кој живееше неколку блока од неа и со кој ќе треба да продолжи да работи во понеделник.

Волкот по трет пат таа вечер ја зграби на ист начин, овој пат со џемперот, но сега ја привлече кон себе и полека и долго ја бакнуваше.

„Добра ноќ“ , рече откако ре созеде од бакнежот. Ја отвори вратата и си замина. Ева остана да стои држејќи го чаршавот на себе, со сета нејаснотија што од неа се очекуваше понатаму. Повторно беше на почеток.      

Comments

Popular posts from this blog

Книгите (според Sash) кои секој писател мора да ги прочита

НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“