Лука „РОНИ, ВУЛИ И ЦРВЕНКАПА“ (расказ)

 

 




Тивки, а сепак разиграни во ритам, дождовните солзи танцуваа на прозорските капаци. Часовникот типкаше и ми шепотеше дека ноќта е длабоко навлезена во прегратките на облаците и дека на мојот ум му е потребен сон. Сонот никако не доаѓаше во собата на чиишто ѕидови сенките од улицата создаваа мистериозни слики. Мислите за она што ќе се случи, во утрото што доаѓа, ми тежеа на очните капаци и татнеа како громовите во далечината. Дали навистина посакувам да се случи неизбежното или сето ова е само сцена од некој филм, прераскажуван одново и одново. Дали посакуваниот исход ќе ме направи среќна и сѐ ќе биде во ред после тоа или само ќе ја направи болката во грбот засекогаш присутна, како потсетник на она што се обидувам да го заборавам. Веќе стана бесполезно лежењето во студениот кревет и со крајни напори, полека се исправив и решив да се напијам нешто топло кое би ми ги стоплило сите сетила или барем за миг би ме релаксирало. Немаше потреба да ги вклучам светлата во мојот мал и штотуку изнајмен дом. Уличните светилки трепереа срамежливо, како да ми се извинуваа што дополнително ме расонуваат, а молскавичното небо со страст фрлаше снопови од светло врз градот што беше потонал во сон.

Чајникот што свиреше од кујната ме потсети дека е расположен за друштво, па со насмевка го погледнав и го подготвив чајот од брусница. Бојата за момент ме вознемири, црвена како крвта што вриеше во мене, како крвта што ликаше од мојот грб минатата година кога ме најдоа во станот на баба ми. Громот што удри во непосредна близина ми ги стресе рацете и за миг се стопив во сопствената прегратка. Ликот на момчето Вули коешто пред една година насилно влезе кај баба ми во обид да ја украде нејзината уникатна колекција на накит повторно ми ги притискаше очите коишто почнаа да пулсираат. Дали ќе можам да го соочам после сето она низ што поминав, лежејќи на подот во бара од крв, и потоа едвај преживувајќи во болничкиот кревет кој ми беше единствениот пријател со месеци. Инспекторот којшто ме испрашуваше неколку пати, ми стана пријател, а можеби и повеќе од тоа, барем јас така си замислував. Мојот страв да проговорам, стравот од одмазда и повторен напад како да стивнаа откако инспекторот Рони тактички, со многу трпение ги започна разговорите околу нападот.

После речиси два месеци од самиот напад, во којшто баба ми исто така беше тешко повредена како и јас, почнав да размислувам за Вули и неговите постапки. Беше познат во овој град, и по кражбите кај возрасни жени и по начинот на којшто исчезнуваше. Од инспекторот дознав и дека омилени му станале становите во црвената зграда, неодамна изградена во мојата улица. Ќерката на мојот училишен другар беше главен архитект за изградба на оваа чудесна, црвена зграда, во којашто баба ми неодамна се пресели. Сакаше нов дом, сакаше нови ѕидови, искапени во жива, лаванда боја, коишто и даваа чувство на спокој. Немав отидено да ја посетам откако се пресели и утрото што надзираше од зад планинскиот врв беше токму вистинскиот момент за двата важни настани.

Сончев зрак шушкаше на капаците, радосно скокоткајќи ме и давајќи ми до знаење дека после дождот доаѓа сонце. Облаците грациозно заминуваа во далечината, а зракот ми ја згреа душата што беше смрзната од помислата на утрото. „Треба да се подготвам, не сум личност што доцни и изневерува луѓе што веруваат во нејзе”. Со таа мисла го отворив шкафот и со неверојатна смиреност го облеков црвениот фустан, истиот што лани го носев кога бев да ја посетам баба ми. До фустанот беше закачена и црвената наметка, на којашто сè уште имаше трага од испуканиот куршум во мојот грб. Наметката не ја однесов кај шнајдерката, само ја однесов на хемиско, како да сакав да не заборавам. Подготвена и облечена во црвено, како тој болен ден, ги обув моите високи, црни чизми, ја исчешлав косата, ја грабнав црната чанта и без трошка шминка, ја заклучив вратата и тргнав кон црвената зграда.

На само пет минути од мојот праг, високо во небесната убавина, на градите на овој бурен град со гневни улици, лежеше најубавото здание од само четири ката. Со само осум стана и паркинг простор во задниот, мирен дел од градот, далеку од постојаната врева. Црвената убавица им пркосеше на сивите, тмурни и необновени згради околу себе. Дури и само гледајќи во таа зграда, чувствував некоја топлина, некој жар, некоја енергија што преку моите телесни канали ми ја вжештуваше главата.

Мобилниот во чантата затрепери и го размрда мојот срцев мускул што ми го забрза пулсот. Повикувачот беше инспектор Рони, мојот пријател а можеби во иднина и нешто повеќе, којзнае. Со смирен глас одговорив на повикот и на прашањето – „Дали си веќе таму?”.  Кимнав со главата како божем треба да ме гледа. Одговорив тивко дека сум пред зградата и наскоро ќе влезам. Од платените поткажувачи со коишто Рони често работеше, дознавме дека Вули денес ќе провали во некој од становите во новата зграда, но не знаевме во кој поточно. Планот беше да чекам во големиот влезен простор, блиску до лифтот, седната во комфорната фотелја и откако ќе го здогледам, да се јавам кај Рони. На ликот на Вули магловито се обидував да се присетам во мислите, особено зашто така немаскиран, со црн дуксер и бели пантолони само кратко го погледнав во огледало пред да паднам на подот од прострелна рана. Не можев да го заборавам, колку кратко и да беше тоа видување. Со ситни чекори, а сепак сигурна и решителна, влегов во зградата што ме маѓепса со својата енергична боја. Првпат бев овде, а сепак знаев каде треба да одам. Ја забележав удобната фотелја во боја на тутун, која ме мамеше со својата големина и топлина. Незабележана од рецепцијата и обезбедувањето, се доближив до фотелјата и потонав во нејзината длабочина. Ѕидниот часовник на спротивната страна речиси ги поттурна стрелките на точно осум часот. „Време е“, си реков, „кај и да е, ќе дојде.“

Замислена и со испотена шака во која цврсто го држев мобилниот телефон, забележав силуета во црн дуксер како влегува низ влезната врата на зградата. Онака самоуверено, со рацете во џебови на црните фармерки, разгледуваше наоколу и во моментот кога погледните ни се сретнаа, знаев дека е тој, Вули. Ме обзеде студ, се стресов како во зимски ден на минусна температура и не свртев поглед. Се скочанив кога застана пред мене и ме праша:

„Здраво убавице, тука живееш?“

Го погледнав од долу нагоре и без двоумење му одговорив дека сум дојдена на гости.

„Слушам зградава е населена од богати бабички, да не живее и твојата овде?“ - со потсмев праша.

„Да“, - реков, - „така е, и мојата баба живее овде.“

Зарем заборавил на мене и мојата баба од минатата година? Зарем толку е меморијата на еден млад човек, или пак младоста го прави неразумен и расипан. Решив да станам од фотелјата и да го потпрашам каде оди.

„Дали и Вие имате некој во зградата што го посетувате?“ - со мирен глас го прашав.

„Да, да, секако“ - се насмеа до солзи и продолжи да ме мерка од глава до петици. Се почувстував непријатно, но сепак сакав да продолжам со разговорот.

„Баба ми живее овде, се пресели од Хатон, после разбојничкиот напад на еден млад човек што сакаше да ја ограби.“

За момент погледот му се задржа на мојата рака во којашто го држев мобилниот, па откако се осигура дека не е ништо опасно, продолжи.

„Секакви има, што да правиш, животот е суров, мора да се живее од нешто, хахаха.“

„Па зарем од тоа треба да се живее?“, си реков во себе и решив да ги поставам најтешките прашања коишто со месеци ги вежбав.

„Не се сеќаваш на мене во станот во којшто насилно влезе лани? Не се сеќаваш на испуканиот куршум во мојот грб од којшто едвај повторно проодев? Не се сеќаваш на болката што ни ја нанесе, гаду одвратен? Преживеав, само за да ти го видам повторно лицето и ти кажам дека со куршумот го уби стравот што веќе ништо не ми значи. Ама твојот терор престанува овде и среќна сум што можам без страв да те погледнам. Ти ќе бидеш во најмалата просторија на светот, без прозор и без трошка сонце, зашто не заслужуваш да газиш на ова тло.“

Уште додека зборував со глас којшто не звучеше како мојот, во џебот од наметката го притиснав мобилниот на последниот повик од Рони, и со молскавична брзина, со нозе за коишто не бев свесна дека се толку брзи, клекнав зад фотелјата дури ечеше гласот на Рони на само неколку метри од мене.

„Полиција, крени ги рацете!“ - извика Рони.

Со само дел од окото, видов како Вули го извади пиштолот од дуксерот и го впери кон Рони. Одекна пукање кое ги вознемири вработените на рецепција и обезбедувањето, но само по неколку куршуми, замре сè. Почекав уште некоја секунда и излегов од сенката на фотелјата. Телото на Вули, облеано со крв лежеше без знаци на живот на мермерниот под од приемниот дел на зградата. Рони стоеше над телото и од неговата лева рака, онаа со којашто пукаше, лиеше крв од надлактицата. Истрчав кон него и со краватата што воопшто не одговараше на неговата службена облека и панцир, се обидов да го запрам крварењето, барем додека да дојде брзата помош. Часовите по прва помош што одамна ги посетував дури сега ми се исплатеа. Рони изгуби рамнотежа од болката во раката и изгубената крв. Јас пак, со сила која не знаев дека ја поседувам, му помогнав да седне на фотелјата дури да дојдат докторите. Тие минути на чекање и себепрашување дали ќе биде во ред траеа вечно. Конечно, дојде брзата помош и јас влегов во возилото со Рони. Благодарноста и почитта што ја чувствував кон него ми дадоа за право да го придружувам до болницата. Неговото лице се стопи во насмевката што едвај ми ја подари и тивко ми шепна, пред да изгуби свест:

„Нема веќе сенка на твоето лице. Среќен сум што ти го вратив сјајот во очите. Се надевам ќе се разбудам со тебе крај мојот кревет.“

Му го помилував лицето и само се насмевнав, дури солзите капеа, солени, тешки, како да заминуваа засекогаш.

Улиците на градот сјаеа од дождовните капки што цела ноќ ми беа друшки во мојот обид да ги средам своите мисли, настаните и постапките од оваа бурна ноќ.

Последните сончеви зраци ме скокоткаа низ прозорецот на возилото, исто како зракот кој утрово ми ја даде силата да го преживеам овој ден. Денот на моето помирување со болката и сѐ што таа ми донесе.

Comments

Popular posts from this blog

Книгите (според Sash) кои секој писател мора да ги прочита

НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“

ЅВЕЗДАНА „ЦРВЕНКАПА И НЕЈЗИНОТО ЛУДИЛО“