Level 5678-ИРИС

 Денес е прекрасен ден, сите мои колешки писателки напишаа раскази кои, ако самите дозволат, ќе ги објавам во следните неколку денови.

На мое големо изненадување расказ добив и од ИРИС, која не е наша учесничка, но толку е добар што немам срце да не го споделам со сите кои не следат.



ИРИС

„LEVEL 5678“


Се разбудив од сон, ненадејно и стресно, со некакви чудни звуци кои изминуваа во тишината. Како да беше кошмар, ама не беше. Беше тоа сон многу поразличен од сите претходни. 

Го погледнувам отворениот лаптоп, екранот сеуште беше светол.

Беше три часот по полноќ, веројатно не сум ни спиела долго. 

Чувствувам ужасна жед и блага тахикардија, треперење, а сепак будењето ми доаѓа како некое олеснување. Додека се обидувам да се расонам и смирам, се навраќам на на деталите од сонот. 

Овој сон беше обоен во црвено. Многу често сонувам во боја и точно знам дека сонот беше црвен. И навистина крвав. Се присетувам: јас во сонот бев облечена во тешка црвена тантела, со многу слоеви, со црвен фасцинатор на глава, со малку црвена мрежичка на него, како од британска свадба. На усните имав црвен кармин и носев импресивни високи црвени потпетици. Бев слаба и убава во сонот. Јас навистина некогаш бев и слаба и убава, синоока и русокоса. Во сонот одев некаде, се движев, некаде долго одев, изгледа низ шума. Се сетив дека во сонот чувствував дека ме болат нозете. Дури и во сонот го чувствував чудното срцебиење. Сонот всушност беше движење низ видео игра, мојата игра што ја играм онлине со години и сум до 5678 ниво. Играта се вика Црвенкапа. Вака навистина можеби звучи наивно и детски, бидејќи Црвенкапа е детска приказна, но играта е прилично крвава. Во играта секој играч си одбира свој аватар и може да биде Црвенкапа, Ловец или Волк. Во играта, низ шумата, сите се непријатели, другите слатки Црвенкапи, различните Волци, дури и Ловците кои во одреден момент помагаат на друга Црвенкапа. Тогаш се лоши ловци, лоши Црвенкапи. Нема добри Волци. Во играта секој секому е непријател и секој секого може слободно да го застрела. Вештината е во тоа да се препознае ловецот, дали е тука за тебе или за друга Црвенкапа, дали да го убиеш или да му се препуштиш во играта. Волците најчесто мораш веднаш да ги убиеш или да бегаш од нив. Аватарите имаат огромен избор на капи, фасцинатори, беретки, корпички со храна, чевли, чизмички, наметки. Волците може да бидат човековидни или комплетно животински. Секоја Црвенкапа има свое име како Блонди, Кара, Дигит, Ригид, Фригид и секакви други зборови, често и безобразни. Така се знае дека изборот на име го направил маж и дека имаш машка Црвенкапа во игра. Понатаму не би навлегувала во анализа, зошто некој маж сака да се облече во игра како Црвенкапа и како тие мажи ја играат играта? 

Најчесто мажите одбираат да бидат Волци, па одбираат имиња како Вукодлак, Дркодлак, секаков-вид-на-длак. Црвенкапките победуваат кога ќе однесат храна до куќарката на бабичката безбедно и попатно убијат волк. Волците победуваат кога ќе ја изедат Црвенкапа, а ловците кога ќе спасат некоја Црвенкапа. Јас секогаш гледам да се избегне волкот по патот. Не се конфронтирам и експонирам. Се движам полека и во сенка. Тоа е мојата стратегија, бегај и не се соочувај, освен кога навистина мора и кога волкот е спремен да се нахрани од тебе. Не се спријателувам често ни со ловците, од многу проста причина. Се случуваше некогаш да се спријателам со ловец маж, па во чатот додека правевме стратегии за играта, тоа да премине во нешто сосема поинакво и ловецот потоа да ми стане и љубовник. Многу добри ловци играчи изгубив така. Многу често имав и двајца ловци одеднаш, можеби некоректно од моја страна, ама тоа не беше забрането. Играта ја играм со часови, со денови, со недели. Имам некогаш забелешки и од пријателите и од блиските луѓе дека премногу се внесувам. Јас само бројам животи и не правам други здрави работи за себе. Тоа е еден бескраен процес на губење животи, паѓање во дупки, лизгање, жива кал, брзи реки. Понекогаш дури и ме јадеше волкот, понекогаш му заглавував во хранопроводот, па ме исплукуваше, некогаш ме спасуваа ловци, случајни ловци или љубовници, се пресметував со други Црвенкапи со карате и кунг фу, се боцкав на отровни бобинки, умирав, оживував, пак умирав, пак оживував. 

Сцените во играта се мрачни и темни, зеленкасти, шумовити, и на некои нивоа потсетуваат на џунгла. Некогаш креаторите на играта се надминуваат себеси, во некои нивоа се појавуваат и духови волци, волци со кои си раскрстил. Тие се најлоши. Тие се како сенки, како духови од минатото, како заборавена приказна која ти се враќа во животот и те вознемирува. Не можат да ти направат ништо конкретно, ама многу те плашат. 

Во сонот, конкретниот сон што ме разбуди, сонував како одејќи низ шумата конечно стигнав до куќата на бабичката, најпосакуваното ниво. Не дека немав препреки на патот, но овој пат прилично лесно ги поминував сите сцени и патеки во играта. Влегов во куќарката, на креветот лежеше обична болна бабичка за која јас изгубив 978 саати од мојот живот и милиони виртуелни животи. Во собата беше и Волкот, седеше некако уморно во фотелјата покрај бабичката. Тој со залижано бело перче на главата, како стар мудрец, таа со памучно капче на главата, со кадрави праменчиња кои ѕиркаа под ластикот на капата, разговараа за животот, за минорни работи како болките во коските, промените на климата и загадувањето на воздухот. Волкот кој го избегнував овој пат низ шумата беше слаб, стар, потрошен, како куче со лишманија, и беше генерација на бабичката. Староста е најглупавата возраст во животот, знаеш сѐ, си видел сѐ, ама немаш сила, ни снага ништо да направиш. Единствено можеш да мудруваш. 

Не знам зошто ама во сонот добив желба да го убијам волкот брзо. Не знам зошто некој воопшто употребил ваков никаков и стар аватар за волк во игра. Употребив некое сврдлесто шило која не знам како го заработив низ играта. Му го забивам во утробата. Колку е тоа лесно во видеоигра, да убиеш некого. Рацете ми се крвави и со парчиња месо од волчјата утроба. Туѓо месо, парчиња мевце од други Црвенкапи. Фустанот ми беше црвен и крвав, но не се познаваа капките крв по него. Седнав до бабичката. Таа воздивнуваше од старост, не ме ни забележи дека завршив со волкот. По сценариото на играта требаше да сакам да ја утешам, да ѝ кажам дека сѐ ќе биде добро, дека и двете ќе бидеме добро, да ѝ дадам вода и храна, сѐ што имаше во сламената корпичка. Но не. Во тој миг, единственото нешто што го посакував беше да ја убијам и неа. Чукна нејзиниот час. Навистина беше стара и се мачеше. Секој ден добиваше иста понадица од иста корпа од различна Црвенкапа. Истото вино, истите кифлички, истата салата, истите банани. 

Неа ја убивам нежно и бавно. И ја вадам назалната канила која ѝ помага да дише и таа само едноставно издивнува. Доаѓаме до финалето, сосема невозбудливо, јас навистина сите ги убив во играва лесно и без поголеми пречки. 

Толку е невозбудливо, што дојде моментот и јас да се убијам. Го заривам шилото во мене, топло е и меко, во мене секогаш сѐ е меко и топло. Повторно го чувствувам она срцебиење и глад за воздух, желба да се разбудам. Играта секогаш завршува со звук кој симулира исфрлени парички по земја од заработените поени и започнува звучна повторлива реклама. 

Тука ги отворив очите, со ритамот на мојата тахикардија и звукот на златни старовремски парички кои тропкаат примамливо. Време е да го деактивирам мојот сега веќе мртов Блонди аватар, со крвав фустан, обесен до мртвите тела на волкот и бабичката. Сцената е крвава како од холивудски филм. Време е да се вратам во реалноста и да почнам да спортувам. Станувам, ја гасам жедта со чаша вода, го гасам лаптопот и се враќам во кревет. Сепак повторно заспивам мислејќи за новата реклама за игра со Снежана и седумте џуџиња. Што ли сѐ може да се направи со седум џуџиња...

Comments

Popular posts from this blog

Книгите (според Sash) кои секој писател мора да ги прочита

НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“

ЅВЕЗДАНА „ЦРВЕНКАПА И НЕЈЗИНОТО ЛУДИЛО“