„За тебе и Ева“, автор ЛУКА



Една декемвриска ноќ, 1940 година

 

 

 Сирената што татнеше низ улиците на Лондон ѝ ја заледи крвта. Цврсто стегајќи ја рачката од куферот и чантата што веќе ѝ направи вдлабнатина во рамото, Елена се упати кон влезот на Хотел Риц. Околу нејзе трчаа избезумени луѓе, брзаа да стасаат во своите домови пред полицискиот час. Беше свесна дека ова патување е опасно, се противеше на сите што ѝ велеа да не стапнува во временската топка и да го избрише минатото. Елена веруваше дека има начин да го врати Пол во својот живот, во својата иднина, во нивната заедничка иднина. Овој град ќе ѝ ја оживее љубовта за којашто вреди да се изгуби животот.

Навидум смирена, но со растреперено срце и жештина што ја облеваше од глава до петици, застана пред пултот кајшто требаше да се пријави како гостинка. Облечена во темно зелен капут кој совршено ја потенцираше бојата на нејзините зелени очи, природно кадравата коса внимателно собрана под волнената шапка и кратките чизмички во кафена боја, Елена пленеше со својата убавина. Имаше само дваесет и осум години и знаеше дека не може да остане незабележана. Сите ѝ велеа дека бргу ќе се дознае дека не припаѓа во ова време, но тоа не беше воопшто важно за неа. Она за што беше дојдена беше сè што вселената можеше да ѝ дозволи да го направи.

Со решителен глас и на јазик кој не го владееше совршено, се пријави како гостинка. За кратко време ја отвори вратата од собата на првиот кат. Го спушти куферот, ја фрли чантата на креветот и се приближи до прозорецот. Лондон беше токму онаков каков што го запозна преку записите што со месеци ги читаше. Сирени што ја тревожеа ноќта, загрижени доцни минувачи, улични светла кои уплашено трепераа и ги осветлуваа излозите на затворените дуќани, девојки и жени што си ги продаваа своите тела за шилинг или два, по некоја театарска претстава која се противеше на воените крици и војници коишто спиеја во оклопните возила. Тоа беше само мал дел од големата слика на Лондон во воено време, тажно и погубно за многумина.

Елена се стресе од помислата да не го најде Пол. Сите информации укажуваа на подземниот ресторан во хотелот на само педесет метри од Риц, каде што се собираа американски војници до доцна во ноќта. Лондон беше градот кајшто доаѓаа сите што сакаа да се „изгубат” или „исчезнат”. Сите тие доаѓаа за да останат засекогаш. Пол беше еден од нив, иако времето од каде што дојде не беше сегашноста. Времето на Пол и Елена беше иднината, таа волшебна и безгрижна иднина, време на среќа, љубов и возбуда. Но, љубопитноста и немирот што Пол ги чувствуваше проучувајќи ја временската топка беше како магнет за неговата постојана желба да патува назад во времето. Елена му се восхитуваше, го поддржуваше, но и се плашеше дека ќе го изгуби. Заради него го изучуваше англискиот јазик, прочита сѐ што имаше да се прочита за неговото потекло и неговата земја и веруваше дека секогаш ќе бидат еден до друг. Заради него ги специјализираше сите закони на науката за патување низ времето, а тој на крај замина сам, без неа, без најава, без последен бакнеж. Месеците на проучување на процесот ја охрабрија сама да го направи чекорот што води кон човекот што остави траги на нејзиното рането срце. И сега беше тука, блиску, а пак далеку од него.

Од чантата титкаше сјајната топка што укажуваше дека времето изминува. Ноќта беше една за Елена, само една, пресудна и подарена за обид да го врати Пол. Само оваа ноќ и три средби со Пол ќе можат да ги вратат напред во иднината, во таа 2040 година, таму кајшто е нивниот дом. Мораше да се подготви добро.

Од куферот го извади фустанот што му беше омилен на Пол, и носталгично се погледна во огледалото. Нејзината фигура беше неодолива во карираниот фустан, со каивче на половината, и во А-линија, со три копченца од вратот што ги остави отворени за да ѕиркаат нејзините младешки гради желни за допирот на Пол. Елена ја расчешла русата кадрава коса и со шнола што високо на темето ја задржа златната опашка го донесе до совршенство својот беспрекорен изглед. Чизмичките весело ја чекаа да ги обуе на своите нежни стапала желни да заиграат на лондонските улици. На себе ја стави темноцрвената пелерина што сега првпат ја носи и со врела крв во вените што ѝ го растреперија срцето, излезе од собата и се упати кон подземниот ресторан, не плашејќи се веќе од ништо, ниту од сирените, ниту од проѕирните лица што ја загледуваа под магливите улични сијалици.

Како тајни агенти и поткажувачи, луѓето тивко и без нагли движења влегуваа во подземниот ресторан на хотелот во близина на Риц. Елена се стопи во толпата и брзајќи по скалите надолу, ги броеше секундите до моментот од којшто солзи ѝ навираа на очите како бели снегулки. Ходникот беше долг, мрачен со по некое ѕидно светло, а циглите со своите пукнатини правеа немирни сенки во разни димензии. Елена се стресе од темнината и студот што свиреше низ ходникот. Посетителите што покрај нејзе се движеа ја погледнуваа со сласт, како едвај да чекаа да стасаат во ресторанот и да ѝ пријдат. Не им возвраќаше на погледите и забрзано се движеше кон ресторанот. За минутка пред нејзе се отвори танцов подиум, а околу него маси полни со луѓе коишто си шепотеа над огнот на свеќите. „Овде сум, конечно”, самата на себеси си кажа, и како да ѝ олесна. Веќе немаше каде да оди. Тоа што треба да се случи, ќе се случи вечерва. Елена беше решена да не се врати во иднината сама.

Прошета со бавни чекори околу подиумот и најде масиче за двајца блиску до шанкот. Беше одлична место за набљудување, бидејќи сите што имаа намера да танцуваат мораше да поминат крај нејзиното масиче. Го стави малото ташниче пред себе, подотворено за да го гледа сјајот на топката како отчукува за да ја потсетува на ограниченото време. Си нарача џин тоник и со нога преку нога, свртена со лицето кон влезот на ресторанот чекаше со нетрпение.

 

Уште една ноќ, неизвесна и полна со загрижени лица го мачеше Пол дури се движеше заедно со своите другари војници кон подземниот ресторан. Не го замислуваше вака Лондон, и не сакаше да си признае дека временската топка всушност го однесе многу подалеку во минатото отколку што очекуваше. Како и да е, сега е овде веќе подолго време и ќе треба да најде начин да замине без последици за другите. Се присети на Елена и не можеше ниту да замисли каква болка ѝ остави на душа, не кажувајќи ѝ каде заминува. За момент срцето му се вознемири и забрзано чукаше, како да претчувствува нешто необично. Подбуцнувањето на неговиот другар Ерик го врати во реалноста и атмосферата на ресторанот во којшто тивко влегуваа група на луѓе. Девојките го меркаа, а тој само им се насмевнуваше и продолжуваше да чекори низ студениот, слабо осветлен ходник кој водеше до главниот дел. Оваа вечер беше негова, неговиот роденден што сакаше да го помине со своите другари војници. Требаше да биде среќен. Но среќата не му подари насмевка овојпат. Триесетиот роденден треба да биде радосен и исполнет со насмевки и љубов, но за Пол времето во коешто го донесе временската топка не беше вистинското за прослава на роденденот. Пол беше згоден, висок млад маж, спортски граден, со темно руса коса и сини очи што сјаеа како нова ѕвезда на небото. Живееше во скривница во зграда недалеку од хотелот Риц, а поголемиот дел од времето го поминуваше во оклопното возило со сите останати војници, патролирајќи и спасувајќи жители на градот од страшните крици на војната што се водеше во околината. Во ноќите кога немирот не му дозволуваше  да затвори очи, тој се присетуваше на Елена, на љубовта на неговиот живот, на Сонцето што го хранеше со енергија и му ја исполнуваше секоја ќелија од телото, дури сонуваше будно за нејзината убавина која раскошно беше распослана на креветот во нивниот дом. Патувањето низ времето му беше желба од рана младост и Елена само го разгори тој жар за истражување на непознатото.

Влегувајќи низ вратата на ресторанот, се одвои од останатите војници и се приближи до танцовиот подиум што како некоја непозната сила го влечеше во својот разигран круг.

Двојките веќе започнуваа да ги нишаат телата во ритамот на свингот, а неговите очи шараа по масите да не здогледаат некоја од девојките што постојано му наоѓаа најдобро место за седење. И тогаш насмевката му се заледи, срцето забрзано му потскокна и погледот како стрела му застана на русата коса и девојката во кариран фустан. „Колку личи на Елена”, си рече во себе и како маѓепсан тргна кон масичето што љубоморно ја прегрнуваше најубавата девојка во салата. На само чекор од масичето, возбудата го преплави како прострелен оган и очите им се сретнаа. Околу нив замре сѐ. Како само тие двајца да беа живи, како само тие двајца да беа во салата, додека во позадина свиреше музиката во ритамот на нивните срца. Сѐ уште маѓепсан од погледот на тие неверојатно зелени очи, Пол го поттурна слободнот столче и седна наспроти Елена.

„Ти си?” - праша со туѓ глас, не можејќи да се соземе од сликата пред себе.

„Јас сум, Пол, твоето Сонце” - прошепоти Елена, возбудена и со снегулки во очите ја допре неговата рака. „Дојдов да те видам, да те прегрнам и заедно да се вратиме во иднината, да се вратиме дома.”

„Како е можно ова? Дали си само привидение?”, продолжи Пол.

„Ја искористив временската топка што и тебе те донесе овде. Ти ме научи како и ме научи да не се откажувам од моите соништа. Сите овие месеци живеев само за овој момент.”

За момент, Пол се израдува што ќе може да си замине одовде, но во истиот момент се сети на ветувањата што им ги даде на своите војници. „Не можам да заминам веднаш, колку и да сакам. Имам луѓе што зависат од мене и морам да ја завршам мисијата”. Тој одлучно ја кажа лагата што ја смисли во истиот момент кога ја изговараше. „Прости ми, Елена, но залудно си дошла”. Пол растревожен стана и кратко јавувајќи им се на своите војници, се упати кон излезот од ресторанот. Во близина имаше паб што му беше омилен и реши таму да ја залие тагата што го блокираше неговиот ум и разум.

Солзи тешки како камења се тркалаа по образите на Елена. Колку кратка, а колку долга беше оваа средба. Секој мускул од телото ѝ трепереше од вознемиреност, ја обзеде студ и раката што ја дофати чашата за последната голтка џин тоник се тресеше од тага. Го испи пијалокот, остави пари на масичето и забрзано тргна кон излезот од ресторанот. Ноќта длабоко беше навлезена во домовите. Небото, со своите темни облаци натежна над улиците. Го почувствува тој товар, како ја притиска на рамењата, а главата ѝ бучеше како луда. Со доза на страв и несигурност се упати кон хотелот, и поминувајќи крај пабот на само неколку метри од хотел Риц низ прозорецот во магливата светлина го здогледа Пол. Седеше сам во аголот, со шише пиво пред себе и ја држеше главата со рацете. Без двоумење влезе во пабот, и така растревожена застана пред Пол. „Немам многу време, Пол. Ја имам само оваа ноќ да те убедам во мојата љубов кон тебе, во мојата потреба за твоето присуство во мојот живот за којшто верував дека заедно треба да го живееме. Погледни ме и излажи ме дека ништо не ти значам и дека нема зошто да се вратиш”.

Пол ја дигна главата и со насолзени очи ја погледна единствената причина за којашто живее. Елена стоеше тука, пред него, од крв и месо и беше дојдена за него. Како да одлучи што е правилно, што е доследно на неговите убедувања. Како да пресече и да ги остави луѓето што зависат од него во ова трагично време? Како да не замине со Елена и да продолжи да љуби како некогаш.

„Те сакам бескрајно, Елена, но не сум спремен да се вратам во иднината со тебе. Мораш да ми дадеш уште време. Ти ветувам, ќе се вратам еден ден”.

Елена не беше спремна да се откаже. И покрај болката што како нож ѝ го цепкаше срцето и неговите зборови што како трње ја боцкаа по цело тело, Елена не сакаше туку така да замине. „Ќе ти дадам причина да се вратиш, па ако и таа не ти е доволна, слободно остани. Но кога ќе се вратиш, не барај ме. Отседнувам во Риц и ако до пет часот наутро не дојдеш, ќе заминам и никогаш повеќе нема да ме видиш”.

Елена замина од пабот, решена да му даде шанса до крај, надевајќи се дека ќе го види уште еднаш. Влезе во хотелот, го зеде клучот од пултот и замина во собата. Ја помести фотелјата блиску до прозорецот од каде се гледаше улицата и влезот во хотелот.

 

Пол го испи пивото и нарача уште едно. Се надеваше дека пијалокот ќе му помогне да ја заборави оваа вечер и да се разбуди утредента не сеќавајќи се на ништо. Стрелките на ѕидниот часовник тапо одзвонуваа во неговите уши и утрото ѕиркаше низ замаглените прозорци. Не беше свесен дека задремал на масата и видно испаничен виде дека е четири часот. Оддалеку се слушаа вознемирувачки истрели, и Пол замислено стана и тргна кон Риц. На сон му дојде познат глас, не знаеше чиј е, но со милозвучен тон му даде поттик да се ослободи од натежнатите мисли. Елена мора да е сѐ уште овде, беа зборовите што го одведоа до нејзината соба, откако на пултот девојката на ливче му го напиша бројот. Тропна на вратата и за миг Елена се појави, бушава во косата, во ноќница низ која се отцртуваа нејзините бујни, младешки гради коишто толку многу сакаше да ги бакнува. Елена го повика да влезе и му понуди да седне спроти нејзе. „Што е причината што ти лежи на душата”, ја праша со треперлив глас.

Елена посегна по таблетот што чекаше крај фотелјата и ја отвори сликата што во позадина го красеше екранот. „Повели, љубов моја. Дали оваа причина е доволна?“

Сликата блескаше од милоста и радоста на женско бебе, насмеано, со сини очи и облечено во тиркизно комплетче. Пол занеме пред енергијата што зрачеше од сликата и веднаш знаеше дека тоа е плодот на нивната љубов, тоа невино, прекрасно мало суштество, создадено по безброј непроспиени ноќи, измиени во капки љубов и стоплени од првите утрински, сончеви зраци. „Нејзиното име е Ева”. Пол го крена погледот и посегна по раката на Елена. Ја зеде во својот скут и со страст, возбуда и љубовен занес, како некогаш, ја држеше цврсто во прегратка, додека сјајната топка ја осветлуваше собата и навестуваше заминување на две лица, на две тела што дишеа како едно. Собата блесна како облеана со месечева светлина на ведар декемвриски ден и телата на двете вљубени души се стопија во магливиот зрак што го навестуваше новото, непознато утро.

На масичето крај фотелјата остана само таблетот со сликата на Ева, којшто собарката која чистеше го најде во седум часот и со вчудоневиденост го сокри во својата униформа. Некаде, некогаш, некој ќе раскаже за суштествата од иднината, а таа ќе го има доказот.

Comments

Popular posts from this blog

Книгите (според Sash) кои секој писател мора да ги прочита

НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“

ЅВЕЗДАНА „ЦРВЕНКАПА И НЕЈЗИНОТО ЛУДИЛО“