Бидејќи февруари е месец за љубов, уживајте во овој љубовен расказ на нашата Лидија, кој не го лекторирав, ви го подарувам со сите „нерамнини“, оти овој расказ е нежен и лизгав како свилеста љубовна бајка








НА КОЈА СТРАНА ОД СВЕТОТ

Ја разбуди силен звук. Нерасонета и се’ уште не излезена од тежината на сонот кој ја измачуваше барем два пати во седмицата, таа исплашено скокна од постелата. Со олеснување помисли дека автобусот кој секоја ноќ ја киднапираше и ја возеше заробена не дозволувајќи и’ да се спаси, конечно застанал со силно шкрипење на кочниците. И требаа неколку мига да се потсобере и да сфати дека е безбедна и на сигурно во топлината на својот дом. Длабоко воздивна и при тоа почувствува блага вртоглавица. Со едната рака се пофати за главата, а со другата полека се придржа за креветот, па одвај успеа да седне. Повторно низ просторијата се разлеа звук. Сега веќе и беше јасно дека некој упорно и ѕвони. Ја сврте главата накај наткасната барајќи го мобилниот, повторно се’ и се заниша, па таа почека предметите да го смират нежното танцување пред нејзините очи. Со напор го дофати мобилниот и зачудено го погледна непознатиот долг број. Некој очигледно згреши, си рече и погледна во часовникот. Пет часот наутро покажуваа златните броевите на црниот екран.
„Ова е број од друга зона“ незаинтересирано го остави телефонот и си се врати под ќебето.
Некој беше упорен и после третото одѕвонување се слушна кратко кликање. Таа со напор стана за да ја прочита штотуку пристигнатата порака.
„Марија здраво“ , го читаше текстот. „Не знам колку е часот кај тебе. Те молам вклучи вибер и побарај ме. Никола Р.“
Здивот и’ застана, прво ја облеа ситна пот, потоа ја фати горештина. Во главата и се заврти, но не можеше да одгатне дали и’ е од наглото станување или од шокот од пораката.
Пред очите и се појави нејзината прва љубов. Висок, насмеан, со орловски нос и силно истакната вилица. Рацете почнаа да и се тресат. Не беше во состојба да се помрдне. Се обиде да вдише длабоко, но тоа бараше друг вид напор. Се исправи полека, ги стави рацете на слабините, па почна да се превиткува наназад, потоа се изви нанапред како за поклон, при тоа надевајќи се дека проклетата дијафрагма под ребрата ќе дозволи здив. Конечно успеа да продише. Како попарена отиде пред огледалото во тоалетот и си го виде потеченото лице на кое се црнееја остатоците од шминката која претходната вечер не успеала квалитетно да ја отстрани. Набрзина се среди, малку крема, малку пудра и руменило и веќе беше задоволна од својот изглед.
„Уште косата“. Таа почна да си зборува сама, го граба чешелот и набрзина се зачешла, па ја собра косата со ластиче.
Гореше од желба да го види. Прв пат по триесет години и се даде шанса. Раната од разделбата како никогаш да не зацели. На секое потсетување на нивната љубов таа секогаш одново ја чувствуваше истата болка.
Потоа седна на креветот и почна да се двоуми.
„Да му се јавам или не?“ Неколкупати повтори втренчено гледајќи во бројот.
Измешаните чувства во неа не и даваа да донесе брза одлука. Гореше од желба да го види каков е, каде и со кого живее, да му ја слушне среќата. Да си докаже себеси дека не згрешила тогаш кога го остави да си замине и ја избриша секоја можност тој да ја пронајде. Истовремено чувствуваше страв, а некаде длабоко во нејзиното свирепо јас некакво ѓаволче и го потхрануваше егото и се закануваше да ги победи сите останати аргументи, при тоа навивајќи да го избрише бројот.
Во главата и зуеше улиште, мислите како пчели одеа и се враќаа на сите страни, па во целата таа мешаница сосема случајно со прстот го допре повикувачкото копче. Немаше време ни да исклучи, се’ уште цврсто нерешена за „да“ или за „не“. Пред неа се појави непознат лик. Веќе беше доцна за премислување. Таа го погледна без збор, тој исто така молчеше и испитувачки ја гледаше. Двајцата молчеа и се гледаа без збор. Како да бараа траги од минатото, нешто што би ги потсетило на младите ликови кои очигледно беа останале некаде во историјата.
„Марија?“ најпосле успеа да проговори. На тонот на неговиот глас таа се сепна и нешто во неа како да се откина, ликот можеби беше сменет, но гласот ја врати наназад низ годините. Таа мекост при изговарањето на нејзиното име ја немаше никој кого го познаваше. Како да ја рецитираше најубавата поема кога ја повикуваше.
„Никола“ успеа да го изговори неговото име, а солзите сами почнаа да течат по убавото лице.
„Се’ уште ти се зацрвенува носот кога плачеш“ и рече.
Таа без збор го погледна, посрамена од својата немоќ да одглуми сила.
„Многу време помина“ едноставно му одговори, шмркнувајќи во марамчето.
„Како ме пронајде?“ се сети да го праша.
„Твојот братучед од скоро ми е пријател. Се зближивме некако, малку сме нашинци овде. Си ги делиме и доброто и лошото заедно. Те видов на слика случајно. Се’ му раскажав. Ми го даде твојот број. Ми рече слободно да те побарам. Рече дека нема да те праша за дозвола за бројот. Познавајќи те ако постапев поинаку, никогаш немаше да те видам“.
Од него се излеа целата сурова вистина за нејзиниот лош табиет.
„Во право си“ констатираше без да дава понатаму забелешки, без правдање го прифати кажаното.
„Во моите мисли ти си млад. И јас сум млада, но изгледа веќе сме остареле.“
„Можеби малку“ и одврати тој.
„Убави си токму како што те паметам. Убаво старееш. Дури и брчките убаво ти стојат.“
Таа молчеше и не знаеше што да му одговори. Знаеше дека треба да го распаша за се’, но како да снемуваше сила.
Тој и ја виде состојбата и почна да и раскажува за неговиот живот, за бракот, за децата, за неговата почината сопруга. За животот во Африка.
„Дали си среќен“ го праша таа.
„Задоволен сум од животот“ и рече. „Се’ што замислував како млад направив. Само со тебе не успеав“ додаде тивко и ја погледна директно в очи сакајќи да и ја види реакцијата.
Таа му го издржа погледот, но не рече ништо.
„Ќе се враќам во Македонија“ извика со возбуда. „Сакам таму да си ја дочекам староста, да не ми гнијат коските во туѓина.“
„Што бараш овде?“ и се откорна сурово прашање.
Тој се штрекна и зачудено ја погледна.
„Не те напаѓам тебе“ му рече потоа. „Што бараш во оваа Недојдија“
„Таму ми е душата Маре. По мојата земја ми пати срцето цел живот. Ми се чини ќе продишам кога ќе си дојдам. Овде дури ни цигарите не ми се слатки, вкусот им е различен.“
Таа се насмеа, а потоа и се смрачи лицето, па со тага почна да прикажува.
„Нашата татковина не е истата. Се’ е сменето. Она што го имавме одамна матната го однесе. Со години се чувствувам слично како тебе, и мене ми пати душата, само што јас немам на што да се надевам. Ти барем сонуваш за нешто, макар и да е илузија. Но, јас немам веќе надеж во ништо.
Тој ништо не и одговори. Ја остави да се истуши до крај, да си ја раскаже маката.
„Никола“, му го изговори името по вторпат. „Триесет проклети години се обидувам да се снајдам овде. Јас родена скопјанка, образована и снаодлива како видра, секогаш полна со оптимизам и верба. Богата во духот и желна за развој, сите мои доблести ги искористив само за да преживеам, ама не успеав да живеам. Не добив шанса да се вклопам меѓу своите. Ти кога си замина, јас дипломирав. Чекорев со восхит кон новиот предизвик, полна со волја и идеи, но премногу остра и гласна за околината. Почнав да се чувствувам како грдото пајче. Од една страна маќеата, од друга очувот. Јас на средина, штотуку испилена и измачена од борбата со силната лушпа од јајцето кое ме хранеше и обликуваше некое време. Ме гледа очувот и ја обвинува патката, вели ова не е мое. Таа пак му се лути нему, но ми се лути и мене, а донекаде и ме правда, затоа што поминала денови седејќи врз мојата лушпа. Јас стојам на средина и гледам де во едниот де во другиот и ништо не ми е јасно. Во мене се создава страв, но и револт. Тој ја напаѓа единствената мајка која ја познавам. Во мојата глава почнува огномет од мисли. Експлодираат како бомби новите сознанија и ме тераат во очај.
„Бам – ти не си нивна“.
„Бам – не знаеш чија си“.
„Бам - не знаеш која си.“
„Бам – заради тебе тие се расправаат, ти им правиш раздор.“
„Бам – до вчера мислев дека имам браќа и сестри, но изгледа сум била сама“.
„Бам – не личиш ни на него, уште помалку на нејзе, сама си, нема кој да ти помогне“.
„Бам – лебедите се реткост, а глупавоста и ограниченоста не ја препознава вистинската убавина и квалитет“.
„Бам – и што сега, како ќе живеам, каде ќе живеам, што треба да направам“.
Никола со внимание ја слушаше, а потоа гласно се насмеа.
„Бам“ силно викна.
„Ќе си дојдам, дојди си кај мене“.

Comments

Popular posts from this blog

Книгите (според Sash) кои секој писател мора да ги прочита

НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“

ЅВЕЗДАНА „ЦРВЕНКАПА И НЕЈЗИНОТО ЛУДИЛО“