Да се биде писател-хоби или професија?




Оние кои не следат, сведочат дека три години посветено им служиме на писателите во подем и дека нашата несебична и искрена посветеност кон сите наши студенти, им ја разбуди креативноста и дека со помош на нашите Работилници  се "родија" неколку романи, стихозбирки и раскази. 

Сепак, (зборувајќи генерално) кај писателите во подем, независно од образованието и возраста, забележувам тренд на високо нeпознавање на Правописот на македонскиот литературен јазик, и тоа до некаде го разбирам.

Но она што ме изненадува и ме шокира е непознавањето на Синтаксата на нашиот јазик, затоа што јазикот е жива материја и грешките во конструкцијата на речениците укажува на сериозно поткопани јазични и говорни вредности.

Зошто е таква состојбата? 

Верувам дека сите ниe сме бомбардирани од неписмениот говор на јавните личности и неписмено напишаните содржини во поголем број од медиумите, дека сме под силно влијание од различните содржини на англиски јазик или јазиците на соседните нации.

Сепак, секој кој сака да биде читан и објавуван на македонски јазик, има света должност кон македонскиот јазик и мора да го владее кодифицираниот кодекс. 

Затоа е исклучително важно да се читаат квалитетните македонски автори, кои во деведесет проценти се филолози, професори и ерудити, ако не поради содржината на нивните дела, барем поради правилната употреба на кодифицираниот јазик и правилната синтакса.

Им апелирам и топло им препорачувам на сите писатели во подем- прочитајте ги класиците на македонската книжевност, препрочитајте ги големите романи создадени во постмодернистичката фаза на македонската литература и голтајте ги сите ново-објавени автори. Притоа имајте критичка мисла, пишувајте куси рецензии или препораки. Користете го интернет просторот и ширете вест за квалитетните дела, напишани од македонски автори. 

Секогаш кога пишувате, консултирајте го Правописот на македонскиот литературен јазик.  Тој е "Оче наш" за секој кој пишува. Ако успеете најдете начин да се информирате за синтаксичките правила на македонскиот литературен јазик од книги од професорите на катедрата за македонски јазик. 

Немојте да кажете дека немате време, време се создава за она што ни е приоритет и за страста која сакаме да ја живееме и да делиме со останатите. 

Ако решите да ги објавувате вашите дела, вие имате должност кон читателот, да го знаете Правописот и правилната синтакса.

На нашата страница, секој текст е лекториран и редактиран, освен ако не е поинаку напишано.

Затоа следете не и комуницирајте не, во порака или на маил: saskadimitrova@gmail.com.

Comments

Popular posts from this blog

Книгите (според Sash) кои секој писател мора да ги прочита

НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“

ЅВЕЗДАНА „ЦРВЕНКАПА И НЕЈЗИНОТО ЛУДИЛО“