Оли Коне -Убавицата и ѕверот

                      





Јануари, првиот месец, полека измина. Најздодевниот и најдолгиот месец, после сите слави и празници, конечно беше завршен. Килограм повеќе од сите прекрасни јадења беа сведоците врз нашите тела.

Тивок убав амбиентален џез ми свири во собата додека мислам што да ви напишам, која ли приказна? Можеби ќе ви биде интересна онаа за Јана и Лазар.

Јана, преубавата градска девојка. Немаше момче кое не ќе се загледаше во неа. Висока и стројна, таа им ги бодеше очите на мажите како со шило. Нејзината убава црна коса, како кинеска свила, го красеше белото лице накитено со гајтан веѓи под кои сјаеа дијамантските сини очи. Кога минуваше низ градските калдрми ќе затрубеше некој автомобил кој го управуваше хипнотизиран возач од нишањето на нејзините колкови. Јана живееше во стара трошна куќичка во центарот на градот заедно со нејзиниот хронично болен татко. Сепак нивниот дом беше исполнет со љубов. Соседите сите ги почитуваа и тие важеа за луѓе кои секогаш помагаа на тие што им беше потребна нивната помош. Нејзиното маало беше поделено од големата река, која го делеше градот на два дела. Татко ѝ пешачеше секогаш кога се чувствуваше малку подобро. Една зимска, невообичаено топла ноќ, која личеше повеќе на пролетна отколку на зимска, татко ѝ на Јана реши да ги протегне изморените стари нозе по кејот на шеталиштето на реката. Тие прошетки го потсетуваа на оние вечери, кога заедно со бремената мајка на Јана шетаа покрај истата река и на истиот кеј. Ја изгуби на породувањето. Седна на една од клупите која беше изрезбана и испишана од локалните мангупи. „Оваа клупа сигурно е сведок на по некој убав романтичен бакнеж, некоја топла прегратка“, си помисли Војдан. Полната месечина пред него ги осветли лицата на три млади момчиња кои му ги распукаа убавите мисли како балон од сапуница. Злоба им светкаше во очите. Се гледаше дека се спремни на сѐ.

-      Стари имаш ли тутун ? – праша едно од нив.

-      Не, не пушам – одговори.

-      А пари имаш ли, ајде испразни ги џебовите – дофрли другиот плеткајќи си го јазикот додека зборуваше.

 Повеќе никаде не беше безбедно. Сиромаштијата ги јадеше душите на луѓето. Младите беа навлечени на сите можни пороци, па немаа никаква почит кон постарите. Пријателствата беа ретки ако немаше некаков меѓусобен интерес. Роднините беа одродени, не си одеа по гости, по слави, што од завист, што од сиромаштија.

Војдан веќе стаписан од страв, бркна во џебот од пантолоните и извади неколку ситни пари.

-Ова е се што имам, еве земете.

- Сега ќе провериме.

Почна да му приоѓа тој што изгледаше најопасно. Во тој момент од зад грб им се појави голем човек облечен во шушкава тренерка, со капа на главата и маска на лицето. Очигледно беше дека тука џогира и наслушнал што се случува на среќа на исплашениот старец.

- Има ли некаков проблем момци?

Црната силуета им згрме со рапав машки глас, кој како со нож им ги пресече колената.

- Има и не е твој.

Вртејќи се, најопасниот му врати. Кога го погледна веднаш го спушти понижувачки погледот сфаќајќи што гледа пред себе. Дваесетина сантиметри повисокиот маж, кому  убаво му се оцртуваа големите мускули преку тренерката беа набрекнале од вежбањето. Преку устата носеше маска за да не дише ладен воздух, па му се гледаа само густите веѓи и темните очи. Јасно беше дека нема да биде лесен плен за нив. Напротив. Така потпијанети, можеа лесно да бидат сомелени од овој ѕвер.

- Еве ви петстотини денари. Се надевам дека ви се доволни. Одете си по патот.

Мажот им ги подаде парите згужвани и наводенети од потта на дланките.

Младите пијани момчиња ги земаа парите и како пустински хиени, со подвиени опашки, се изгубија во ноќта, заедно со нивната јалова победа.

-Благодарам-рече Војдан.

- Ја сум Лазар.

Мажот во црно му пружи рака на исплашениот Војдан, тргајќи ја маската под која се криеше прекрасна насмевка украсена со убави бели заби.

Инситираше да го испрати до дома. Војдан пак, господин од стар ков, од благодарност го покани да влезе.

Ги пречека Јана, која откако ѝ раскажаа што се случи, направи убав топол миризлив чај од липа кој татко ѝ го береше покрај реката.

Иако Лазар изгледаше како ѕвер, Јана го чувствуваше неговото витешко добро срце. Кога ќе им се вкрстеа погледите се забележуваше дека си се допаѓаат од прв поглед. Искрите меѓу нив двајцата ја осветлуваа целата просторија како новогодишен огномет. Се гледаше љубов која блескаше на прв поглед. По таа вечер тие почнаа да се гледаат и да се дружат секој ден. Не можеа  да не се слушнат и да се видат во текот на денот. Им беше пријатно заедничкото дружење. Сепак Јана не знаеше многу за Лазар бидејќи кога ќе го прашаше тој мудро ќе ја заобиколеше темата за своето потекло и ќе почнеше некоја нова. Таа сакаше некој кој ќе ја заштити, кој ќе ѝ помага и ќе се грижи за неа.

Лазар сакаше некоја која ќе го сака поради него, поради доброто срце, не поради големото богатство кое го имаше добиено како наследство, и не поради успешниот бизнис. Затоа и не ѝ кажуваше, а таа навистина не знаеше за неговата економска моќ.

Секако, сѐ до оној момент кога на татко ѝ му се влоши здравствената состојба. Лазар ги покри трошоците кои беа преголеми.

Набргу, откако Војдан се опорави, Јана и Лазар направија голема свадба на која присуствуваше половина град. За таа свадба се зборуваше долго. Сите се восхитуваа на љубовта помеѓу ѕверот со витешкото добро срце и убавицата со сини очи.

Тие двајца беа вистинска сказна во модерното време –Сказна за убавицата и ѕверот.

Comments

Popular posts from this blog

Книгите (според Sash) кои секој писател мора да ги прочита

НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“

ЅВЕЗДАНА „ЦРВЕНКАПА И НЕЈЗИНОТО ЛУДИЛО“