„48 ЧАСА до НОВ ЖИВОТ“ СУЗАНА П.

 


 

„На здравје“, рече црнокосата убавица на искршен англиски јазик сместена на импровизираниот кревет до мене откако кивнав три пати рафално. Тоа беа првите зборови што ги слушнав од неа од моментот кога нѐ затворија во оваа мрачна мала просторија со студени и влажни ѕидови и мирис на мувла. Не дека проплакав за муабет со непознат, но сепак, таа беше единствената жива душа тука, која ме потсетуваше дека и јас сум уште жива.

„Ти благодарам“, ѝ одговорив и продолжив во мислите да создавам отвор од малата дупка во ѕидот во која зеев, небаре хипнотизирана. Бев изморена од сѐ – од танцување во загушливите мрачни барови во кои се чувствуваше повеќе алкохол одошто кислород, од еврата кои ми ги туткаа во градникот и очекуваа да им седнам в скут, од валканите рачишта кои ме допираа секаде каде што ќе посакаа, од утрата за кои ми беа потребни барем две линии од оној фин бел прашок за да ги издржам без да бидам наполно свесна за она што се случува, од Митат кој собираше сѐ што ќе заработевме, нѐ хранеше колку да преживееме за да не бидеме „ко свињи пред колење на шипката“, и се закануваше дека гробот нема да ни се знае ако му се спротивставиме. Ми идеше да заспијам и да не се разбудам повеќе. Со моите дваесет години носев преголемо бреме на себе и грижа на совест што ги оставив родителите само со едно пусулче дека заминувам во подобар живот кој тие не можеа да ми го дадат. Но, не можев ни око да склопам. Ме држеше будна помислата дека можеби, ако господ воопшто сака да погледне ваква грешничка, мојот план има и најмала шанса да се оствари.

„Каде те најдоа тебе?“, праша црнокосата до мене, уште еднаш прекинувајќи ја тишината.

„Ме најдоа откако се обидов да избегам од мојот газда во јавната куќа кај што бев заробена. Во едно гостиварско село. А ти која си, од каде си?“, возвратив со прашања колку да си го разиграм умот.

„Јас сум Рама, дојдов од Алепо, Сирија. Требаше само да ја поминеме оваа земја незабележани за да стигнеме во Трондхејм, во Норвешка“, одговори.

Сега веќе имав објаснување за нејзината егзотична убавина која не можеше да не се забележи иако Рама беше извалкана, изморена и, веројатно гладна. Барем тоа го кажуваа измрсената бушава црна ко абонос коса, нејзините црни бадемасти очи врамени во темни подочници и трагите од кал и крв под кои се наѕираше порцеланскиот тен.

„Да ја поминете? Кои сте тоа вие?“, ја прашав додека во мене се будеше искрен интерес за таинствената цимерка.

„Јас и малиот Мухамед, мојот четиригодишен син. Имавме врска на која ѝ дадов речиси сѐ што имав скриено од сопругот за преку Турција и Грција да нѐ префрли до Европа. Но, откако ја поминавме границата со Грција и по козји патеки успеавме да стигнеме во оваа земја, нешто тргна наопаку. Бевме четворица во пикап возилото кое дојде по нас во селцето кое ни беше определено за преземање. Мир... Миравац...така некако се викаше“.

„Миравци“, ѝ помогнав, присеќавајќи се дека една од танчарките со кои работев кај Митат  потекнуваше од таму.

„Луѓето што нѐ чекаа таму ни побараа уште пари, па едвај собравме да им дадеме. Ги зема човекот кој неколку минути пред нас тргна со празен мерцедес, а другиот нѐ напика ко вреќи во веќе товарениот пикап. Нешто ми зборуваше дека не треба да влегувам таму, но Мухамед гореше од температура па не можев да го малтретирам по дождот да пешачи со мене во темната ноќ“, почна да раскажува Рама низ солзи.

Не поминувам само јас низ пекол во желбата за подобар живот. И оваа жена, која доаѓа од пеколот на војната, тргнала со надеж дека за себе и за нејзиниот син ќе најде подобро место за живеење. Иако бевме сосема различни - таа Муслиманка, јас Христијанка, таа од Истокот, јас од Балканот, таа омажена со дете, јас сосема сама, девојка, таа црнокоса со изразени облини, јас русокоса и штрклеста - веќе чувствував дека делиме многу повеќе од што пред некој час можевме да замислиме.

„А сопругот? Зошто тој не е со вас?“, ја пресеков.

„Тоа е друга приказна. А и долга...“, рече. Небаре не го имавме целото време на овој свет за нас. Но, нејсе...ќе ја оставам да зборува што ѝ лежи на срце.

„Другпат за тоа. Да ти одговорам како како стигнав овде, иако не знам каде сме“, вртеше со очите по собата без прозорец како да ќе ѝ даде некаква географска одредница за локацијата.

„По само неколку километри зачувме полициски сирени. Возилото ја зголеми брзината, но сирените ги слушавме сѐ поблиску. Оддеднаш помина на нешто нерамно, како некакви шилци и гумите отидоа, а пикапот излета од коловозот и се истумбавме во блиската нива. Изгледа сум удрила со главата во некоја од кутиите во товарниот простор, бидејќи на ништо јасно не се сеќавам. Како низ магла слушав како врескаат и бегаат, слушнав и истрели и мрак ми падна на очите. Следно што се сеќавам дека се најдов во мерцедесот, со врзани раце и нозе, и гледав во дебелиот тил на човекот што ги зеде парите што ги собравме. Пред повторно да изгубам свест успеав само да видам дека освен нас двајца во возилото не беше мојот Мухамед, душа мајкина. Каде ли е тој, дали е жив, како ќе го најдам????“, липањето ѝ се претвори во гласен плач.

Ја прегрнав. Срцето ми се кинеше за оваа жена која страдаше за нејзиното дете. Таа не избегала од бес, како јас, таа избегала од мака и не успеала во својот подвиг. Рама е за мене херој! А јас?

„Јас сум никој и ништо... Слушајќи те тебе, јас сум обично ѓубре кое не знаеше да биде благодарно на животот што го имаше па бараше уште“, ѝ реков и почнав да плачам со неа.

Како да ја освести мојот плач, па таа мене ме стегна во знак на охрабрување. „Не биди престрога кон себе! Не сум ни јас анѓел, иако имам само дваесет и три години, биди сигурна. Раскажи ми за себе“, смирено проговори Рама.

„Се викам Даница и потекнувам од едно село во јужна Србија каде завршив средно училиште, живеев со моите родители и деновите ми поминуваа во извршување на домаќински и земјоделски работи...и малку слободно време поминато на Фејсбук. Пред да се вљубам и да избегам “. Ја почнав мојата приказна веќе сосема свесна колку сум била глупава и лековерна. Вљубена во Станко?! Или во Идриз, како што навистина се викаше. Како можев да поверувам на сите негови лаги обвиткани во обланда од слатки зборови? „Тој беше со потекло од Косово, но тоа не ми го кажа мене. Измисли српско име за себе, таков му беше и Фејсбук профилот, со многу традиционални српски симболи...Таму пишуваше дека е од Ниш. По неколку месеци допишување, ме убеди дека треба да избегам со него, дека ќе ми обезбеди живот каков не сум сонувала, дека има пари да ме издржува од неговиот успешен бизнис со недвижнини и дека не треба да се грижам за ништо, дека ќе ме однесе на море, дека таму ќе ме побара за жена и дури тогаш ќе ги известиме моите родители и ќе ги поканиме на најубавата свадба за која сите ќе пишуваат“, ѝ раскажував на Рама како на родена сестра.

Чувствувајќи дека моите тешки воздишки се повеќе од срам одошто страв, таа ме тешеше: „Си била млада Даника, си била премлада, а желна за живот за да ја откриеш неговата лага. Секому можело да се случи!“

Потоа ѝ раскажав за денот кога по мене дојде педесет годишен маж, кој едвај потсеќаше на згодното момче од фотографиите што ми ги испраќаше, и со голема убава лимузина ме собра на патот помеѓу моето и соседното село во доцните попладневни часови за да ги намали шансите некој да нѐ види. Од прво помислив дека Станко го пуштил татко му да ме земе, но како што одминувааа знаците на местата кои сѐ помалку ги знаев, ми кажа дека сум се допишувала со него.

„А фотографиите?“, го прашав. „Што е со фотографиите?! Тоа ли те буни? Па и јас бев млад и привлечен“, остро ми одговори, а јас сфатив дека ми испраќал фотографии од пред триесет години. „Најважно е што сега си моја“, рече. Иако сѐ што имав ставив во една мала торбичка, на првото стојалиште од неа ги извади работите за кои сметаше дека се вишок: ножички, полнач за мобилниот, каишот од фармерките, турпијата за нокти... и, секако, мобилниот од мојата чантичка.

„Даника, зошто не се обиде да избегаш кога виде дека тоа не е човекот кој ти се претставуваше?“, Рама постави сосема легитимно прашање, упорно нарекувајќи ме Даника.

„Затоа што немав банка во мене, затоа што не знаев каде би одела, затоа што ако се вратев дома знаев дека ќе го добијам ременот на татко ми по грбот...затоа што се понадевав дека иако не беше млад и убав, сепак ќе си достои на зборот и ќе ми овозможи живот каков ми ветуваше. Дури откако ме заклучи во една од десетината соби од неговата хациенда лоцирана среде недојдија, каде што што видов уште дузина мажи за кои се испостави дека работат за него, слушнав дека се вика Идриз и сфатив дека не ме зема за да бидам негова, туку за да се офајди од мене наоѓајќи ми сопственик. Се грижеше да сум најадена и напиена, искапена и средена, пред фотографирање и снимање и нашминкана и убаво облечена, ама тоа беше тоа. Имаше и други девојки таму, ги слушав, особено оние пргавите, кои сакаа да избегаат, но не ги видов, бидејќи се погрижија никогаш да не ни се сретнат патиштата“. Раскажував речиси без здив, а потоа и за животот како танчарка и куртизана кај газда Митат.

„Мила моја, и ти си видела ужас! Сега барем не си сама, а среќна сум и јас што наидов на тебе“, рече Рама, а потоа како едвај да го чекаше крајот на мојата приказна, продолжи.

„Ме праша за маж ми?! Мртов е!“.

Само што не заустив да изразам сочувство, очекувајќи дека војната била немилосрдна кон ова семејство, таа беше побрза од мене: „Го убив! Го заклав ко јагне пред Курбан Бајрам“, рече решително и одважно Рама. Молчев. Не можев ни во најлуд кошмар да сонувам дека ќе се најдам со убиец во иста ќелија. Веројатно погледот ме издаде, па таа го прочита она што го помислив.

„Не се грижи Даника. Тој скот мораше да го испратам кај Алах за јас да почнам да живеам. Му бев робинка во права смисла на зборот. Ме тепаше, ме силуваше, ме камшикуваше, ме третираше како скот, а не како човек. Кога малку потпорасна Мухамед му рече дека сум се разболела и сум починала, па донесе друга жена да го чува син ми, а него да му биде љубовница. Очи нека вадеше ама синот да ми го оставеше. Затоа му пресудив и за само неколку часа, додека не се дознае, па да  ме затворат да скапувам во некоја самица или да ме ликвидираат без трага, успеав да средам за ова долго патување и да му објаснам на Мухамед дека сум жива и здрава и дека двајцата ќе продолжиме во потрага по нов живот“, ги дообјасни Рама околностите во кои го направи својот смртен грев.   

Сега нејзе ѝ требаше прегратка. Така гушнати во нејзиниот кревет сме заспале. Немајќи показател за времето, ни прозорец кој би ни помогнал да знаеме дали е ноќ или ден, се разбудивме одморени и свежи што беше доволно да знаеме дека сигурно сме отспале повеќе одошто претходните три дена заедно. Тоалетот во собата не беше опремен да ни овозможи вистинска хигиена, ама сепак барем ги завршивме основните потреби. И, најважно од сѐ, имаше вода за пиење. Не е чудно што сега веќе двете бевме многу поразлични од пред сонот што си го дозволивме – поведри, поенергични, поодлучни да се избавиме некако од оваа зандана.

Само една мисла ме вознемируваше - зошто никој не дојде да ни остави храна откако сме тука?! Белким не им беше целта да нѐ остават да умреме за јадење. Сепак, од нас очекуваа да заработат пари, а со трупови пари не се прават.

„Гладна ли си?“, ја прашав Рама. Климна со главата, а потоа со блага насмевка одговори: „Ништо страшно, и онака требаше да се ставам на диета, да го намалам ова стомаче. Туку со тебе што правиме? Ти и онака веќе личиш на анорексична манекенка, како оние од Фешн Ти Ви“.

Двете се изнасмеавме, а погледот кон мемливата мрачна соба набрзо ни ја врати суровата вистина пред очи.

„Ние сме веќе бело робје, Рама. Којзнае кога ќе дојдат по нас и каде ќе нѐ однесат. Но, не верувам дека и понатаму ќе бидеме заедно. Само, нешто ме буни... Досега веќе требаше да дојдат макар по едната од нас“, реков замислена.

„Можеби не нашле муштерии. Можеби не ја добиле посакуваната цена? Сепак, тебе нешто друго ти се врти в глава?! Така ми изгледаш...“, ме гледаше Рама, анализирајќи ме.

„Не знам дали е само моја пуста желба или сепак мојот план има шанси да се изреализира“, реков тивко, небаре и ѕидовите имаат уши.

„За каков план зборуваш ти? Што е она што не ми го кажуваш? Ме има ли мене во твојот план?“, нестрплива беше Рама.

Ја брцнав раката во градникот и ја извадив малата плочка за која се надевав дека ќе ме избави од грабливците.

„Пред да избегам од газда Митат, кај Украинката Ирина со која делевме иста соба, во малото кутивче со кокаин кое повремено ни го дополнуваа за да можеме подобро да сработиме со муштериите, оставив иста ваква плочка. Се надевам дека ќе ја најде тој што треба“.

„Што е ова, кој треба да го најде?“, упорно ме прекинуваше Рама.

„Ќе ти кажам, но ќе те заколнам во твојот Мухамед дека ќе молчиш за ова дури и ако нѐ раздвојат“, реков јас. Таа ја положи нејзината десна рака на срцето во знак на ветување.

Ѝ раскажав за локаторот кој го добив од добриот инспектор Марко од Скопје кој во една прилика беше пуштен да изврши рација во објектот во кој работев, кој потоа во Прифатниот центар за странци во скопска Гази Баба спроведе службен разговор со мене благодарение на кој газда Митат заврши во притвор, а тој се погрижи да добиеме судска пресуда за протерување од државата. Тогаш ми кажа како да го употребам локаторот ако некогаш бидам во неволја и ако ја најде едната половина, додека кај мене биде другата, лесно ќе стигне и до мене. Оттогаш не се делам од мојата половина. Но, за жал, не сите негови колеги беа чесни како него. Само што нѐ презедоа за да не спроведат преку граница, луѓето на Митат нѐ пречекаа, им платија и пак нѐ вратија назад. Митат набрзо се врати да си го менаџира клубот. Само што со мене веќе не беше ист. Стана уште посуров и побездушен и ми ги даваше највалканите муштерии.

Нашиот разговор го прекина тупотење на чизми и лаење на куче. Над нас се случуваше нешто, па јас и Рама инстиктивно почнавме да викаме и да тропаме по ѕидовите, и не размислувајќи кој гнев ќе го навлечеме ако станува збор за нашите сопственици или нивните горили. Звукот се оддалечуваше, па повторно се приближи, а лаењето на кучето го слушавме како да доаѓа од пред врата. Сепак, тоа доаѓаше од пред врата!

Двајца специјалци ја урнаа вратата и вооружени до заби влегоа во собата. Ја гушнав Рама да не се плаши, затоа што јас веќе го имав ова видено. Следниот момент и двете мижуркавме под есенското сонце завиткани во ќебиња, а инспекторот Марко со насмевка ни подаде по една шолја топло кафе.

„Сега сте веќе слободни, само што овој пат јас докрај ќе се погрижам за тоа“, ме погледна значајно, а Рама не знаеше што се случува, бидејќи не ги разбираше јазиците што ги говориме ние. „Повторно бев на рација во клубот, ги протресовме убаво сите соби, а лично влегов во онаа каде што беше ти. Кутивчето со дрога лесно го најдов, твојата цимерка го имаше оставено на малата наткасна и одма го препознав локаторот. Знаев дека ти се случило нешто“, објасни Марко.

„Вас, госпоѓо Рама ќе ве однесеме во кампот за бегалци, неколку километри од овде, во Куманово, каде ве чека вашето синче“, рече Марко на англиски јазик, а Рама со неверување ги ококори очите и погледна кон мене. Ѝ климнав со главата да не се грижи и го свртев погледот кон Марко очекувајќи дека има уште што да ѝ каже.

„Малиот Мухамед остана неповреден во несреќата. Колегите го приведоа брачниот пар кој беше со вас во пикапот, заедно со криумчарот кој е веќе во затвор благодарение на нив, а тие под своја грижа го земаа Мухамед. Сега се во кампот во Табановце каде што ќе ве одведеме. Таму ќе имате можност да поразговарате со социјален работник и психолог, имате и лекар на располагање, а ако сакате можете и азил да побарате тука. Во спротивно, ќе мора да ве вратиме во земјата од која сте влегле илегално кај нас“, трпеливо објаснуваше инспекторот.

„Почитуван господине, јас немам веќе каде да одам! По оваа радосна вест што ми ја кажавте би сакала да останам тука. Единствено сакам на Мухамед да му обезбедам подобар живот“, со солзи радосници, одговори Рама и обземена од моменталната еуфорија се втурна на земја да ги гушка неговите нозе. Со насмевка ја фатив за рамената и ја кренав.

„Драга Рама, заврши времето на коленичење! Ова е ново сонце за нас“, покажав кон небесното синило гледајќи ги таму некаде во далечината контурите на нашите нови животи.     

 

 

      

 

 

Comments

Popular posts from this blog

Случка во дворецот (расказ) Елеонора Б.

„Приказната за Мо-Ре и Мо-Ав“ - Весна Котевска

„Памучни бонбони“ Ведрана Ж.