„Мала драма во Вилестино“ –Ведрана Ж.


 


 

 

(Лара и нејзиниот маж се наоѓаат во дневната соба, во семејната викендичка во Вилестино. Мажот е свртен со грбот кон вратата, седнат е на трпезарискиот стол и решава судоку. Жената без најава го прободува во десната плешка. Мажот срипува, се свртува и го гледа изобличеното лице на својата жена, која се тресе и вреска.)

 

ЛАРА: Ќе те убијам, копиле, ќе те убијам!

МАЖОТ: Застани, те молам, застани...

ЛАРА: Ме молиш? Моли ме! Моли ме за живот!

МАЖОТ: Лара, што се случи?Спушти го ножот! Да разговараме!

ЛАРА: Завршивме со разговори, молчи, копиле низаедно! Молчи! Ќе те убијам!

МАЖОТ: Лара... Лара... Не си при себе...

ЛАРА: Не сум при себе?! Не, бе злато при себе сум. Ќе те убијам, немаш каде да бегаш, сами сме, никој нема да те чуе. Ќе те бодам до смрт. И, кога ќе бидеш мртов, уште ќе те бодам, по еден убод за секој поглед.

МАЖОТ: Каков поглед, Лара? Смири се, не си при себе...

ЛАРА: Боли, а боли? Епа, боли и уште ќе те боли, како мене што ме боли, ѓубре едно...

МАЖОТ: Лара, луда си? Лара, ти ли си? Која си ти?

ЛАРА: Лара, дебелата! Лара старата! Лара со салото! Таа Лара, ѓубре, твојата Ларичка!

МАЖОТ: Лара, крварам, застани... Умирам...

ЛАРА: Ќе умреш, во локва крв ќе умреш...

МАЖОТ: Губам воздух, Лара, застани...

ЛАРА: Видот ли го губиш, идиоту? Види, погледни ја уште еднаш!

(Лара му го вперува екранот од неговиот мобилен пред лицето. Мажот успева да ја препознае сликата што ја симнал од меилот, пред некој ден. Сликата од Лара, средношколка)

МАЖОТ: Тоа си ти... Пред „Фросина“, на кејот... Тоа си ти...

(Лара го фрли ножот, рипнува и го фрла телефонот на подот. Се слушна силен тресок и екранот пука како тенок мраз под удар од чизма. За миг сликата се замрзнува, времето застанува и оддеднаш Лара чувствува ладна пот кој како морници ја стресува и тогаш таа крикува и панично се стрчува кон кујната, барајќи го мобилниот. Знае дека мора да побара помош.)

ЛАРА: Вилестино, дрвена куќа, од десната страна до колонијалот. Го убив маж ми.

(Пак врти, друг број, пред да се струполи на земјата, неподвижно.)

ЛАРА: Вилестино, дрвена куќа, од десната страна до колонијалот. Мислам дека само што го убив својот маж.

(Набргу на сцената влегува екипа на полицијата и двајца болничари и лекар од брзата помош. Тие го наоѓаат мажот со забиен нож во десното рамо, како се капе во сопствената крв.)

ЛЕКАРОТ: Жив е. Дајте носила.

(Одат во кујната и ја наоѓаат легнатата Лара, со ширум отворени очи, со подзината усна, со едната рака искривена во лактот, со свртена тупаница кон ѕидот, а ногата извиена под коленото и поткрената, како да се замрзнала во обидот да стане.)

ЛЕКАРОТ: Ми личи на кататонија со ступор. Носете ја на психијатрија!

                                                                                                                       

 

Comments

Popular posts from this blog

Случка во дворецот (расказ) Елеонора Б.

„Приказната за Мо-Ре и Мо-Ав“ - Весна Котевска

НАШАТА ХРИСТИНА КОЧОВСКА -РАСКАЗ „ТРИПАТИ ВО НОЌТА“