Ивана Глоѓуновска

 Ивана Глоѓуновска е македонска поетеса и прозна авторка родена во 1987 година во Скопје.

Автор е на делата „Измешани чувства“ (2022), „Вистинска љубов“ (2022) и автобиографскиот-прозно дело „Молкот на страдањето“ (2023).

Со своето творештво учествува на бројни поетски манифестации во земјата и надвор од неа, меѓу кои и хуманитарниот проект „Твори, читај, биди хуман“ и меѓународниот собир „Загрлиме стихом“, каде е добитничка на признание за најдобра песна во регионот од Македонија.

Покрај пишувањето, Ивана создава сцени и мигови каде зборот оживува – организира поетски настани за деца и возрасни, промовирајќи македонски автори и спојувајќи ги луѓето преку уметноста, како мозаик од срца и стихови што се преплетуваат во светлина и надеж.

Таа е втората писателка која креира во нашата Работилница. Повелете нов расказ.


Темнината што остана (расказ)



Автомобилот тивко се движеше низ кружниот тек, со брзина не поголема од дваесет километри на час. Тони Рајковски внимателно го запре автомобилот откако го помина кружниот тек, паркирајќи го возилото покрај десната страна на тротоарот. Знаеше дека прави прекршок, ама требаше само накратко да се види со клиент кој му должеше значителна сума пари. Излезе од автомобилот, ја затвори вратата без звук и се упати кон локалот во близина. Во возилото останаа сопругата Анкица и нивните две ќерки, Биба и Дона. Беа мирни, уморни од долгата вечер. Не можеа да насетат што носи темнината.

Ноќта го стегаше мракот, а маглата полека се спушташе како густо, студено ќебе, што го гушеше секој звук, секој здив. Тони чувствуваше како срцето му се забрзува, без причина, само со претчувство дека нешто не е во ред.

И тогаш - одеднаш.

Како бура го разнесе воздухот. Куршуми, пет на број ја пресекоа тишината. Двајца напаѓачи, со качунки на главите и скриени лица, се појавија од сенките, студени, бездушни, готови да уништат сè. Ниту миг, ниту шанса за бегство.

Меѓу 21:00 и 21:10 часот, животот на семејството Рајковски згасна засекогаш.

Тони се врати кон автомобилот, чекорејќи со брза, сигурна линија, но она што го виде го парализираше. Срцето му се закочи, а рацете му се тресеа. Во еден миг, сите бродови му потонаа. Крвта му се заледи, а воздухот околу него стана тежок како олово.

„Не… не може да биде…“ - мислеше тој. Гласот му стана заглушен од ужас.

Со треперливи прсти го извади телефонот и повика брза помош, а потоа и полиција. Разлеаната крв по стаклата, сè уште свежа, се спушташе во тенки линии, како дождовни капки на студено стакло. Погледот му беше широко отворен, здрвен. Стравот го давеше, умот одбиваше да прифати што гледа.

Се сеќаваше на среќните моменти: Биба како трча по дворот, Дона како му се смее, Анкица како нежно го држи за рака… Сега - ништо. Само тишина и студ.

Првата помош пристигна брзо, со црвените светла што ја сечеа густата магла. Малку подоцна пристигна и полицијата. Инспекторот што излезе од возилото за миг се вкочани. Видел многу во кариерата, но оваа глетка му го стегна грлото.

   - Жалиме, господине… сите се мртви.

Ехото од тие зборови остана да виси во воздухот како клетва.

Тони ја чувствуваше сопствената болка како остра сабја што го прободува секој дел од неговото тело. Нема воздух, нема мисла, само бескрајна празнина што го голта. Солзите му се слеваа низ лице, но не можеше да плаче, не сега.

Полицијата ја вршеше својата работа со студена прецизност: фотографии, документи, обезбедување на околината, сè по протокол. Инспекторот Николов се приближи:

- Што точно се случи, господине Рајковски?

   - Како се случи ова?

    - Каде бевте?

Тони одговараше низ треперлив шепот:

- Не знам… не знам… Ми го убија семејството.

Болката му гореше како оган во душата. Ако не го фатеше инспекторот за рамото, можеби би се струполил на земја, уништен, изгубен. Му ставија инјекција за смирување. Болката, тагата, солзите се бореа едни со други, но ништо не можеше да го врати она што му беше најмило.

Кога малку се смири, инспекторот повторно почна со прашања:

- Дали имате непријатели?

- Немаме… или барем така мислевме, - одговори Тони. Гласот му трепереше.

Откако сите формалности беа завршени, телата беа однесени на обдукција, а Тони беше префрлен во полициската станица да даде изјава.

- Во 21:00 часот ја паркирав колата, да Пежо 308, после кружниот тек во Кисела Вода. Семејството ми остана во автомобилот. Излегов десет минути за да се сретнам со клиент кој ми должеше пари. Сумата беше прилично голема, па лично му ја однесов фактурата.

- Кој е човекот со кого се сретнавте? Колку пари требаше да ви уплати? -праша инспекторот.

- Станува збор за Марко Јовановски. Десет илјади евра. Направена е комплетна инсталација во неговиот дом, стан и канцеларија. Јас сум одговорен човек, ја знам својата работа и сум професионален. 

Тони зборуваше со солзи во очите. 

- Дали слушнавте нешто? Како се вика локалот каде што бевте?

- Не. Локалот „Мет“ е оддалечен од паркингот каде што ми беше оставен автомобилот.

- Зошто не паркиравте пред локалот „Мет“?

- Сакав, но беше зафатено, премногу гужва имаше.

Инспекторот Николов веднаш нареди да се повика Марко Јовановски за изјава и да се провери вистинитоста на тврдењата на Тони.

- Ќе Ве задржиме уште некое време тука, господине Рајковски. Знам во каква ситуација сте, но такви се правилата, - рече инспекторот.

- Нема проблем, инспектор Николов. Само сакам да се најдат сторителите на убиството на моето семејство. Кој и зошто ми го стори ова? Никому лошо не сум направил, - одговори Тони.

Гласот му беше исполнет со бескрајна тага и немоќ.

Набргу го донесоа Марко Јовановски да даде изјава. Тој потврди сè што изјави Тони. По сослушувањето, Тони беше ослободен. Од полициската станица, Тони се упати кон својот дом. Најпрво се истушира, обидувајќи се да ја измие ужасната сцена од себе, потоа седна да ѝ соопшти на мајка си, Мира, што се случи. Мира беше скршена од болка. Ги загуби своите внучиња и снаа. Не можеше да поверува. Семејството на Анкица, исто така, беше информирано за трагедијата. Нивниот свет го снема. Болката беше немилосрдна, но сите заедно се држеа едни за други, обидувајќи се да најдат сила и утеха.

По неколку дена, обдукцијата откри дека сите членови на семејството беа убиени со револвер 9мм - тивко, подмолно, брутално и безмилосно.

На погребот имаше многу луѓе. Тагата, болката, солзите и неверувањето се читаа во очите и душите на присутните. Утеха немаше. Тони беше скршен, уништен од болка и тага. Неговиот најдобар пријател, Борис Станоев, му пријде и го фати за рамото:

- Не грижи се, Тони. Ќе ги најдеме сторителите и ќе ја добијат заслужената казна.

Бракот на Тони и Анкица беше хармоничен, исполнет со љубов, почит и разбирање. Беа грижливи родители на Биба и Дона. Кој би убил толку прекрасно семејство? Зошто? Прашања без одговор остануваа. Истрагата продолжуваше, но немаше ни трага, ни глас од сторителот.

Тони повеќе не беше истиот човек. Изгледаше постар за десет години. Анкица беше жена чија добрина ја красеше секоја нејзина особина. Почитувана од сите, со златно срце, работеше во социјалната служба за семејно право и заштита. На децата без родители им беше втора мајка, оставајќи неизбришлив белег во животите на многу луѓе.

После шест месеци, небото сеуште плачеше. Жалењето на светот го следеше секој чекор на оние кои се обидуваа да ја разберат трагедијата. Полициските службеници и инспекторот Игор Николов продолжуваа да ја вршат својата работа. Имаа неколку осомничени, но информации не споделуваа со семејството додека не беа сигурни кој е вистинскиот виновник. Многумина беа сослушувани повеќе пати. Тони Рајковски се уште беше еден од осомничените. Другиот беше братот на Анкица. Меѓу нив се најдоа и други личности кои можеле да имаат мотив за извршување на убиството. Секоја нова трага отвораше нови сценарија, а секое сценарио нов можен пат до вистината. Некои претпоставуваа дека Анкица имала љубовник, па оттаму дошла љубомора, кавга, бараа можен мотив Тони да ја убие. Според таа теорија, децата биле трагична колатерална жртва.

Други мислеа дека причината може да се крие во семејни расправии. Братот на Анкица тивок, затворен во себе, со поглед што постојано се криеше подолу од очите на инспекторот беше предмет на посебно подетално набљудување. Жалеше, тоа беше очигледно. Но инспекторот забележа нешто во неговото однесување: ситни тикови, незавршени реченици, пресилена смиреност. Како да криеше нешто. Како да знаеше повеќе од тоа што го кажува.

Истражувањето продолжуваше, а Тони скршен, од болка и тага но беше решен да ги открие сторителите. Сфати дека животот никогаш нема да биде ист.

Истрагата се разгрануваше во сите правци. Развиваа сценарија, ги спојуваа доказите, ги следеа трагите кои или водат до вистината или во ќор-сокак. Трагедијата на семејството Рајковски стана мистерија што го проголта целиот град. Вистинскиот виновник - сè уште беше некаде таму, скриен во темнината.

Беше Нова Гпдина, ден кога сите весело славеа. Тони седеше сам во својата канцеларија. Очите му беа вперени во празно, а мислите му талкаа низ среќните мигови што некогаш ги имаше со своето семејство. Топли вечери, детски смев, прегратки. Сега, сè што остана беше тишина која го гушеше. Телефонот светна, му пристигна порака. Телефонот вибрираше на масата, а Тони, отсутен, го зеде без многу внимание. Но штом ја отвори пораката, крвта му се заледи. Го испушти телефонот. Со едната рака ја покри устата, а со другата силно удри по бирото. Воздухот му стана тежок, срцето му прескокна неколку отчукувања. Повторно сигнал. Нова порака. Го зеде телефонот со раце што му се тресеа. На екранот се појави фотографија: двајца мажи, со црни качулки. Лицата им беа сокриени, а тие целите беа облечени во црно. Едниот држеше револвер. Другиот стоеше покрај него како нем сведок. Следуваше нова порака: „5.000 евра ако сакаш да дознаеш кој ти го уби семејството. Никому ни збор. Никако полиција. Инаку никогаш нема да ја дознаеш вистината.“

Го обзеде страв и ужас, но желбата за вистината беше посилна од сите стравови.

Тони напиша кратко:

„Кој си? Кажи кога и каде.“

Одговорот беше студен:

„Ќе те известиме.“

По три дена доби нова порака: „20:00 часот. После пругите во Драчево. Десно има запуштено место. Урнат објект. Таму ќе ги донесеш парите.“

Тони тргна точно во договореното време. Ноќта беше тешка, а местото злокобно тивко, камењарник и сенки и ветер кој шепотеше низ урнатините.

По неколку минути, се појави црн „мерцедес“. Од него излезе крупен човек со скриено лице. Пријде чекор по чекор.

- Ги носиш ли парите?- праша со груб глас кој одекна во темнината.

Пред Тони да одговори, зад човекот се појави позната силуета. Беше тоа инспекторот Игор Николов.

- Предај се! Готово е! - викна тој, насочувајќи пиштол.

Човекот се обиде да посегне по оружје, но Игор го совлада за миг. Тони само стоеше вкочанет, не знаејќи што се случува околу него. Во полициската станица, вистината излезе на виделина. Тони беше пеколно гневен. На човекот што стоеше пред него, но најмногу на судбината која му го одзеде сè. А човекот… беше тој кому најмногу му веруваше. Борис Станоев. Неговиот најдобар пријател. Убиецот.

- Зошто? - прошепоти Тони, со глас кој се кршеше.

Борис се насмевна студено.

- Се сеќаваш на „мртвата жена“ за која ти раскажував? Тоа беше твојата сопруга. Знаев дека еден ден ќе ја убијам. Те сакаше тебе. Мене ме гледаше како брат. Да имав шанса кај неа, немаше да ја убијам. Ама те сакаше само тебе. Еднаш ѝ признав на Анкица дека ја сакам. Ѝ кажав да те остави. Знаеш што ми рече-Брате, ова да го забораваме. Никогаш не си ми го кажал. Љубовта на мојот живот е Тони. А ти засекогаш ќе бидеш мој постар брат. Рече дека никогаш нема да ти открие, само ако двајцата ја заборавиме оваа приказна. Не сакаше да те повреди. Не сакаше нашето пријателство да заврши. Од тој ден, ниту јас ѝ спомнав, ниту таа мене. Сакав да ви бидам блиску… но тогаш сфатив дека ако не биде моја, нема да биде ни твоја. Решив… ќе ја убијам. А децата… тие се најдоа таму… погрешно време, погрешно место.

Тогаш Тони се сети на еден нивен разговор.

- Ајде брат кога ќе те жениме?

- Време е семејство да имаш.

Борис тогаш многу патетично изјави: единствената жена на моето срце е мртва, ама Тони не го сфати сериозно. Како на шега се насмеа. Но тоа беше предупредување кое никој не можеше да го предвиди. 

Додека социопатот Борис сведочеше и зборуваше со ладнокрвен тон, Тони се почувствува како да му забија нож право во срцето.Човекот кому му веруваше, човекот со кој ја делеше секоја тајна, тој ја создал неговата најголема трагедија.

- Ти си психопат - монструм. 

Судот пресуди: Борис – 10 години затвор.

А Тони?

За него веќе немаше живот. Ниту сонце, ниту иднина. Само пустина во душата.

Еден месец по пресудата, Tони се самоуби.

Отиде кај своето семејство. Таму каде што чувствуваше дека припаѓа

Comments

Popular posts from this blog

СИНОПСИС

Програма за индивидуален менторски пристап

Случка во дворецот (расказ) Елеонора Б.